1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Венизелос: Врз Грција не се врши притисок за името

Грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, по вчерашните (17.01) средби во Вашингтон, изјавил дека на нив детално информирал за грчките позиции во спорот за името.

Според извештаите од средбата со новинарите, која беше одржана само за грчките медиуми, Венизелос кажал дека на средбата со американскиот министер Џон Кери и со неколкуте американски конгресмени, детално информирал за спорот за името и за следните чекори во Обединетите нации и рекол дека врз Грција не се врши притисок за ова прашање.

Венизелос по средбата со Кери одбегна да одговори на прашањето за спорот за името, велејќи само дека Грција, која во следните пет и пол месеци ќе биде претседавач со Европската унија, ги поддржува интеграциите на соседните држави доколку тие ги исполнуваат потребните услови.

„На надворешен и безбедносен план Грција секогаш е фактор на стабилност за нашата област на Западниот Балкан и источното Средоземно Море. Со САД делиме исти вредности и соработуваме на овие прашања“, изјави Венизелос пред средбата со Кери.

За Грција приоритет е Кипар

Во своите коментари по средбата со Кери, грчкиот министер најави дека за Грција, од регионалните проблеми кои се поврзани со неа, приоритет е статусот на Кипар. Венизелос навести дека се залага за неподелен суверенитет и државјанство на Кипар, со признавање на двете заедници – грчката и турската – кои живеат на островот. На Грција и на Кипар им се брза да се реши ова прашање, по откривањето на резерви на нафта и природен гас во водите јужно од островот. Така, еден од приоритетите кои Грција го одбра за своето претседавање со Европската унија, е европската морска политика, пред сѐ во сферата на разграничувањето на територијалните води и користењето на енергетските ресурси. Сепак, став на САД е дека енергетските ресурси околу Кипар не можат да се експлоатираат пред да се изнајде политичко решение меѓу кипарските Грци и Турци, вклучително и договор за поделба на евентуалните приходи. Грчката делегација на новинарите им најави дека е можна скорешна средба во Обединетите нации за статусот на Кипар.

Поврзана содржина