1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Венецуелската влада вешто ја користи тагата по Чавез

Венецуела е во длабока жалост по смртта на претседателот Уго Чавез. Владата тоа вешто го користи. Култот на личноста на Чавез треба да ја обезбеди иднината на чавизмот.

Претседателот на Уругвај Хозе Мухика има видено многу во животот. Можеби и затоа е дел од малкуте луѓе во Каракас кои во моментов размислуваат со студена глава. Тој неколку часа седеше покрај ковчегот на починатиот венецуелски претседател Уго Чавез, додека десетици илјади луѓе се простуваа од него. „Ќе потрае додека да се врати разумот. Во моментов е како гигантско семејство кое го загубило таткото“, ја опишува Мухика ситуацијата во Венецуела.

Град во црвено

Редицата со луѓе пред ковчегот е долга дванаесет километри. Државната телевизија дава препораки со кои времето на чекање на тропската горештина би било поподносливо и ги предупреди сите оние кои не се чувствуваат добро да не застануваат во ред.

Venezuela Hugo Chavez Trauerzug in Karakas

Црвената боја доминира на улиците на Каракас

Се чини како ваквите препораки да не ги слуша никој. Каракас е потнат во жал по починатиот. Прогласена е седумдневна државна жалост, во текот на која луѓето можат да се збогуваат од Чавез. Во целиот град владее стриктна забрана за алкохол. На секој агол има луѓе во црвени кошули или маички, бојата на чавизмот. Од разгласите ечат стари револуционерни песни, а приврзаниците на Чавез пејат. Во еден глас го величаат починатиот, ветуваат дека ќе гласаат за Мадуро за претседател, како што предложил самиот Чавез пред смртта. И бараат Чавез да биде погребан во Пантеон во Каракас, покрај другите национални херои, покрај Симон Боливар.

Чавез му е потребен на чавизмот

Владата вешто ја користи тагата. Телото на Чавез треба да биде балсамирано и ставено во стаклен ковчег, за да биде постојано видливо за светот. „Како Ленин, како Мао“, рече Мадуро во еден од многуте негови телевизиски говори. Починатиот претседател треба да почива во мавзолеј, онака како што бара народот кој тагува на улиците.

Zum Tod von Hugo Chavez Venezuela SW

Николас Мадуро неколку пати му се обрати на народот преку телевизија

Од опозицијата во Венецуела ниту нешто се гледа ниту се слуша. Се чини како во Венецуела да има само одушевени приврзаници на Уго Чавез. Зад тоа се крие стратегија која почна уште додека беше жив Чавез, вели историчарот Томас Страка од универзитетот „Андрес Бело“: „Чавизмот сега мора да ја искористи славата на претседателот за да преживее. Ова е првпат во историјата на Венецуела да се гради официјален култ на личноста со поддршка на државата.“

Мадуро сака да го искористи расположението за да си ја зацврсти позицијата и за времето по изборот. Ќе биде избран, но далеку од тоа дека потоа ќе биде лесно. Новиот шеф на владата мора да се справи со галопирачките државни издатоци и болната економија. Тој мора да внимава на балансот на моќ со армијата и ќе мора да излезе на крај со радикалните струи во партијата кои не сакаат да прифатат никого друг освен Уго Чавез.