1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Венецуела ја очекува возбудливо изборно деноноќие

Енрике Каприлес Радонски сака да стане нов претседател на Венецуела. За да го стори тоа ќе мора на денешните избори да го победи Хуго Чавез.Стручњаците очекуваат релативно чесни избори и покрај политичката моќ на Чавез.

Истражувањата на јавното мислење не откриваат речиси ништо, затоа прогнозите се многу неблагодарни. „Анкетите не се сигурни. Резултатите меѓусебно екстремно се разликуваат, бидејќи оние кои ги спроведуваат анкетите се исто така дел на политичката борба во Венецуела“, вели Мануел Силва Ферер од Латиноамериканскиот институт од берлинскиот Слободен универзитет.

Овој стручњак ги поминал последните два месеци во Каракас и добро знае како течела кампањата. Во неа Чавез, иако веќе 14 години се наоѓа на власт, се однесувал како потенцијален губитник: „Го напаѓаше единствениот кандидат на опозицијата на Енрике Каприлес Радонски со валкани средства и подгреваше страв од граѓанска војна.“, вели Силва-Ферер и додава: „Со тоа Чавез се обидува да ги убеди избирачите, особено оние неодлучните, дека неговиот реизбор е гаранција за стабилност на земјата“.

Набљудувачи или „набљудувачи“?

Venezuela Präsidentschaftskandidat Henrique Capriles

Претседателскиот кандидат на опозицијата Енрике Каприлес Радонски

Од транспарентноста на овие избори во голема мерка зависи дали денот на изборите ќе биде проследен со конфликти и политичко насилство, смета Клаус Бодемер, поранешниот шеф на хамбуршкиот Институт за Латиноамерикански студии. „Ќе биде тешко да се фалсификуваат резултатите, бидејќи набљудувачката мисија на Унијата на нациии на Јужна Америка зазема неутрална позиција“, смета Бодемер.

Од друга стана, Николаус Верц од универзитетот во Росток не е толку сигурен во неутралноста на набљудувачите. „Чавез како набљудувачи ги повикал левичарите од разни земји. Нема мисии од ЕУ ниту, пак, од Картеровиот центар за човекови права“, кажува Верц. Тој додава дека опозицијата очекува измами и дека тие, ако се случат, ќе бидат брзо откриени. Според сознанијата на овој стручњак, системот на елетронско гласање во Венецуела е „многу добар“.

Насилство и воен удар се малку веројатни

Venezuela Hugo Chavez

Претседателот на Венецуела Хуго Чавез

Кампањата не дава многу надеж дека денеска ќе биде мирно. Бројни немири за време на митингзите, како и смртта на двајцата приврзеници на опозицијата во градот Барнаса, познат како упориште на Чавез, укажуваат дека денеска може да дојде до конфликт помеѓу чавезовците и античавезовците. „Некои анкети покажуваат и дека Чавез има 15 проценти повеќе поддршка од Радонски. Ако резултатот биде така убедлив, не верувам дека ќе дојде до политичко мотивирано насилство“, вели професор Верц.

Најголемите песимисти ја споменуваат и можноста од воен удар доколку изгуби Чавез. Затоа опозицијата посебно ќе ги набљудува жандармеријата и така наречената боливарска милиција лојална на Чавез. „Може да се случи претседателската лична преторијанска гарда, која во меѓувреме е многу бројна, спонтано да реагира на евентуалниот пораз на Чавез. Но, не е веројатно дека ќе дојде до воен удар“, смета стручњакот за Латинска Америка, Клаус Бодемар.

Ниту Мануел Силва Ферер од берлинскиот универзитет не верува дека Венецуела ќе ја зафатат социјални немири. Такво апокалиптично сценарио не е резултат на сериозна проценка туку е сервиран од чавезовиот штаб како би се заплашиле граѓаните. Силва Ферер на крајот сепак дава прогноза која наговестува возбудливо изборно деноноќие: „Изборите ќе бидат завршени со разлика од два до пет проценти“, смета овој стручњак.