1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Венеција: „Златниот лав“ за италијанскиот документарец „Сакро ГРА“

Италијанскиот документарен филм „Сакро ГРА“ на Џанфранко Роси синоќа ја освои наградата „Златен лав“ на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција. Филмот говори за животот на автопатишата околу Рим.

Овој филм е првото италијанско остварување што се закити со главната награда на фестивалот во Венеција од 1998. година. Филмот претставува приказ на жителите коишто живеат покрај римската обиколница Гра.

„Наградата им ја посветувам на ликовите од мојот филм, коишто ми дозволија да влезам во нивниот живот. Некои станаа негови протагонисти, а тоа не го ни знаеја", изјави Џанфранко Роси.

70. internationale Filmfestspiele Venedig Gianfranco Rosi

Џанфранко Роси со Златниот лав

Очигледно силно возбуден, тој се заблагодари на „маестрото" Бернардо Бертолучи, претседателот на жирито на 70-те Мостра, за храброста да ја додели наградата на еден документарен филм, но и на поранешната сопруга.

„Би сакал и да ѝ се заблагодарам на мојата поранешна сопруга, којашто ме поттикна да го снимам овој филм додека сакав да заминам од Рим, градот кој го засакав поради неговите обиколници", додаде Роси.

На синоќешната церемонија на доделување на наградите, „Сребрениот лав“ за режија му припадна на грчкиот режисер Александрос Авранас за филмот „Госпоѓица Насилство“, кој говори за сексуалното насилство и малтретирање. Филмот зборува за инцест и самоубиство на дете. Овој филм ја доби и наградата за најдобра машка улога, која му припадна на Темис Пану за улогата на дедото злоставувач, додека наградата за најдобра женска улога ја доби Италијаката Елена Кота, за ролјата во филмското остварување „Улица во Палермо“ на Ема Данте.

Filmfestival Venedig

Филмскиот фестивал во Венеција годинава се одржува 70-ти пат по ред

Големата награда на жирито му беше доделена на малезискиот режисер Цаи Минг-Лианг за филмот „Џиаојоу“, кој е приказна за татко бездомник и за неговите две деца, кои се принудени да талкаат по улиците на тајванската метропола Тајпеј.

Специјалната награда на жирито му беше доделена на филмот на Германецот Филип Гренинг - „Жената на полицискиот офицер". Наградата за најдобро сценарио ја добија Стив Куган и Џеф Поп за филмот на Британецот Стивен Фрирс „Филомена", кој беше споменуван како еден од силните конкуренти за Златниот лав. За најдобар млад актер е прогласен Ти Шеридан, 16-годишниот Американец, кој беше забележан во „Дрво на животот" на Теренс Малик.