1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Венделин чудо од дете

Претпоставките се потврдија - амбициозниот менаџер на „Порше“ Венделин Видекинг ја напушти функцијата, а челното место во Управниот одбор го презема Михаел Махт, досега во Управниот одбор задолжен за производството.

default

Венделин Видекинг со модел на Порше

Венделин Видекинг стана претседател на Управниот одбор на „Порше“ во 1993 година, тогаш на 40-годишна возраст. Претпријатието се наоѓаше во незавидна состојба - Видекинг успеа да го доведе до најпрофитабилен автомобилски концерн во светот. Кога дојде, беше примен од многумина со потсмев, но им покажа на сите. Жилав, тврдоглав и трудољубив, тој го санира претпријатието со драстичен курс на штедење, ангажирајќи советници од јапонскиот производител на автомобили „Тојота“.

„Заедно со сите вработени, со напорна работа и со понекогаш тешки резови успеавме да се извадиме самите од мочуриштето. Денес сме присутни во преку 90 земји, кои ни дадоа шанса за пласман на возила во димензии кои порано дури не можевме ни да си ги претставиме“.

Wendelin Wiedeking

Видекинг

Видекинг ги критикуваше банките и менаџерите, се караше со политичарите - му отчита лекција на Хелмут Кол, ги клеветеше колегите дека се жалат, наместо да се зафатат со проблемите. Тој е човек од акција. Уште од рано оставен сам на себе - татко му починал на 15-годишна возраст, тој се научил сам да си ги врши работите. Уште тогаш си поставил цел, на 30 години да биде милионер. Целта ја постигнал многу порано, уште пред да ги заврши студиите, со својата фирма за недвижнини, што ја основал веднаш по матурата. „Греши кој верува дека работите ќе си дојдат сами од себе, дека било кој некако ќе ги среди и самиот не мораш ништо да направиш“, вели Видекинг.

Нему му успеваа дури и незамисливи работи. Негова идеја беше џуџето „Порше“ да го преземе џинот „Фолксваген“ - но финансиската криза му ги расипа плановите, кога се најде на дофат до конечна реализација. Сето тоа го плати со функцијата. Досега најплатениот менаџер во Европа ќе добие отпремнина од 50 милиони евра, од кои 25 ќе одат за добротворни цели. Најголемиот дел од соработниците на „Порше“ ќе жалат по него - го почитуваа поради отвореноста и директноста со која им приоѓаше, поради неговата личност. На нивата во Битигхајм Бисинген, местото во кое живее, тој со години сади компири. Сега ќе има повеќе време за возење трактор.


Автор: Марион Тајс / Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM