1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Велика Британија пак „се лизна“ во рецесија

По изненадувачки слабиот прв квартал во 2012-та британската економија неочекувано повторно се најде во рецесија, прва по мај 2009-та година.

Британската економија се врати во рецесија, откако во првиот квартал оваа година е забележан пад од 0,2 отсто. Враќањето на рецесијата е прогласено затоа што и во претходните три месеци, последните во минатата година, економијата на Велика Британија забележа негативен разултат и пад од 0,3 отсто.

Економските експерти оценуваат дека, сепак, засега нема целосна слика за вистинската состојба на британската економија, затоа што оценката за економскиот пад е определена врз само 40 отсто од потребните информации на државното биро за статистика за нивото на движење на економијата. Проекцијата за падот е правена само врз намалувањето на индустриското производство и на целиот сектор на градежништвото.

Министерството за финансии соопшти дека основната причина за ваквите состојби не е во домашната економија, туку во европските состојби, а пред се во зоната на единствената валута.

Министерот за финансии Џорџ Озборн изјави дека жали за повторениот пад на економијата и во првите три месеци од годинава, но објасни дека продолжената криза во еврозоната го попречува заздравувањето на британската економија, како и можноста за пораст по неколкугодишната стагнација.

„И покрај ваквите резултати, Министерството за финансии и Владата остануваат определени за продолжување на политиката за намалување на внатрешниот долг и буџетскиот дефицит“, изјави министерот Џорџ Озборн.