1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Велика Британија и понатаму во највисок степен на тревога

Големата анти-терористичка акција на британската полиција беше успешна – оцени денеска напладне министерот за внатрешни работи Џон Рид.

На удар требаше да се најдат авиони на американските авио-комании

На удар требаше да се најдат авиони на американските авио-комании

Сметаме дека ги уапсивме најважните фигури на подготвуваната серија бомбашки напади врз патнички авиони, што требаше да полетаат од Велика Британија на пат кон САД. Во рамки на акцијата според Скотланд Јард се уапсени 21 лице, но време за задоволство нема, посочи британскиот министер за внатрешни работи Џон Рид.

„Полицијата во соработка со тајната служба МИ5 изведе голема анти-терористичка операција во текот на ноќта со цел да осуети заговор, според кој требаше да се урнат неколку патнички авиони за време на летот. Доколку се случеа планираните бомбашки напади, ќе дојдеше до големи човечки загуби од за сега непроценливи димензии. Полициската операција е многу комплексна и е и понатаму во тек„ – изјави првиот човек на британското Министерство за внатрешни работи Џон Рид.

Ни тој, како ни шефот на Скотланд Јард Питер Кларк не сакаа да откријат многу детали околу операцијата за да не го загрозат нејзиниот натамошен успех. Кларк сепак додаде:

„Истрагата се фокусира на информации од разузнавачки кругови, според кои атентатот требаше да биде извршен врз авион на прекуокеански лет. Тој требаше да биде изведен со помош на експлозивни направи прокриумчарени во рачниот багаж.„

Според полициски извори, атентаторите планирале да скријат експлозивни течности во шишенца за млеко за бебиња. Поради тоа на сите аеродроми ширум Велика Британија забрането е внесување рачен багаж во авионот, вклучувајќи ги и компјутерите и мобилните телефони. На патниците им е дозволено да ги земат со себе само патните исправи и парите.

„Ова е мерка на предострожност. Правиме се‘ за да спречиме каква и да е натамошна активност на терористите. Тоа меѓутоа ќе предизвика големи проблеми во авиосообраќајот во Обединтетото Кралство„ – порача Министерот за внатрешни работи Рид, додека министерот за транспорт Даглас Александер појасни:

„Рано утринава сите британски аеродроми и авио-компании што сообраќаат во и од Велика Британија добија налог да воведат повисок степен на безбедност. Тоа ќе предизвика големи доцнења на сите аеродроми во Обединетото Кралство!„

По ваквите предупредувања САД го зголемија степенот на тревога на „црвено„ ниво за сите авиони од Велика Британија и на „портокалово„ од сите други земји. Германскиот авио-превозник Луфтханза ги откажа сите летови за аеродромите во околината на Лондон се‘ до попладнево. А Бритиш ервејс апелираше до сите патници да не тргнуваат за Лондон, доколку тоа не е навистина неопходно. Билетите на британската авио-компанија ќе бидат префрлени за друг ден или патниците ќе добијат полно обештетување.