1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Велигденските обичаи и зајакот

Во саботата на велигденски оган, во неделата в црква, а потоа во градината на барање шарени јајца - во германските семејства со векови вака се слави најголемиот христијански празник. Важна улога притоа игра зајакот.

default

Ги носи ли зајакот велигденските јајца?

Голем дел од обичаите, вклучувајќи стихови, песни и приказни, се вртат околу зајакот, кому местото во христијанската традиција му го дала протестантската црква.

„Велигденскиот зајак не постои, тоа го знае секој. Велигден го славиме затоа што Исус умрел и потоа воскреснал“, вели малиот Никлас.

И во право е! Секако дека не постои некаков си зајак што носи јајца. Но, сознанието зошто се слави Велигден веќе одамна не му е блиско на секое германско дете, а ни на возрасните! Според анкетите, дури секој петти Германец веќе не знае што се слави на Велигден. Не е ни чудо, бидејќи денеска најраспространетиот велигденски симбол - зајакот, нема никаква врска со Исус и неговото воскреснување. Според истражувањата на германскиот експерт за обичаи, Алојз Деринг, зајакот во црковната традиција го вовеле протестантите. „Децата од католичките семејства знаеле дека на Велигден повторно има јајца , затоа што тие не се јаделе за време на постите пред Велигден. Но, како тоа да им се објасни на децата од протестантските семејства? Зошто одеднаш на Велигден има толку многу јајца?“

Зајаци што носат јајца?

Протестантските свештеници се снашле и ја измислиле приказната со зајакот, кој за време на постите насобрал многу јајца и сега на големиот празник брзо ги дели по домовите. Освен тоа, зајакот се сметал и за симбол на плодноста, што сепак не ни‘ помага да си објасниме како едно животно цицач воопшто дошло до толку многу јајца: „Погледнете го одново тоа старо чудо: велигденскиот зајак кокодака како кокошка и под грмушката носи јајце, па уште едно, па уште едно итн.“

Значи, протестантите не се држеле многу строго до сознанијата на биологијата, но затоа биле строги кон обичајот на католиците да се смеат на Велигден и затоа го исфрлиле.

Kind mit Osterhase

Зајакот е „сладок“ и кога е од чоколадо

Така, додека во протестантските цркви на празникот владеела смртна тишина и сериозна атмосфера, од католичките цркви се слушало гласно смеење на верниците. Пред се’ во ерата на барокот, католичките свештеници многу се труделе да им раскажуваат на верниците смешни анегдоти за да можат весело да го прославуваат воскресението на Спасителот. За таа цел, дури и ја украсувале црквата: „Кај таквите барокни проповеди, покрај убавите приказни имало и слики и разни украси, што во 17 и 18 век веќе било вообичаено, или станало вообичаено“, појаснува експертот за обичаи од Бон, Алојз Деринг.

Како во раното христијанство

Бојадисувањето јајца и подарувањето јајца за Велигден има долга традиција, уште од времето на раното христијанство, појаснува понатаму Деринг. „На почетоците тоа се случувало онака, како што ден-денес се случува кај православните христијани, имено јајцата на Велигден да се вапсуваат само со црвена боја, со бојата на крвта Исусова или црвена како љубовта, љубовта на Спасителот за човештвото.

Kind mit Osterhase

Сепак зајаците се најубави живи - и на ливада

Во тоа време вапсаните јајца биле оние, кои се веќе осветени и така можеле да се разликуваат.“

Ваквите и слични велигденски обичаи ќе ги има уште долго време, можеби со децении и векови, оценува експертот Деринг и појаснува дека постои начин како да се пресметаат термините за Велигден за наредните неколку века. „Славниот математичар Гаус создаде формула, со чија помош може да се пресметаат термините за наредните неколку илјади години. Оние кои добро ја владеат оваа формула, можат отсега да кажат кога ќе се падне Велигден во далечната 3.575 година.“

На повеќето луѓе тоа воопшто не им е битно. Нив не ги интересира ниту фактот дека Велигден за првпат се славел на првата полна месечина по календарскиот почеток на пролетта, во далечната 1684 година. Токму во периодот кога зајаците почнуваат да скокаат по ливадите.

Автор: Сабине Димашке/ Горан Чутановски

Редактор: Жана Ацеска