1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Велешки соларни системи и бојлери во Берлин

Меѓу стотиците излагачи на саемот за електроника ИФА во Берлин, единствен претставник од РМ беше „Леов Компани“ од Велес, кој настапи со сончеви колектори, бојлери, кварцни греалки...

Над 250.000 посетители и деловни луѓе од целиот свет годинава го обиколија најголемиот Меѓународен саем за електроника ИФА во Берлин (1.500 излагачи), на кој единствениот македонски претставник „Леов компани“ од Велес презентираше дел од својата производна палета, во која своевиден хит беа соларните колектори за загревање вода. По презентацијата на специјализираните саеми во Франкфурт и Минхен, „Леов компани“ за првпат беше на ИФА, која според управителот Златко Леов (на насловната фотографија) е нешто посебно поради што велешани најавуваат свое редовно присуство.

Која е фирмата што собра сили да дојде на саемскиот гигант каде се презентира најновото од светските достигнувања во електрониката?

„Семејната приватна фирма ’Леов компани’ е основана во 1984 година од татко ми Трајче Леов. Се’ започна од електро сервис за поправка на машини за перење, фрижидери, лифтови и сл. Следеше изработката на противтегови и кади за

Leov Company auf der IFA

Најголем интерес за сончевите колектори

машините за перење на ’Горење’ и ’Кончар’, како и казани за бојлери на ’Кончар’ од 5, 10, 50 и 80 литри. По распаѓањето на Југославија останаа сите алатки во работилницата. Наместо да затвориме, решивме да дополниме за да може да имаме наш производ, наш бојлер. Не беше лесно, но еве сега по толку години може да се пофалиме дека работиме добро. Фирмата е вброена и меѓу 200 најуспешни во Македонија, а дури 90 проценти од производството се извезува “, истакнува за ДВ управителот Златко Леов.

Тој појаснува дека во целата групација се вработени околу 600 лица, од кои 250 во велешката компанија. Во групацијата припаѓаат и стотемина ангажирани во продажбата на големо и мало во Македонија, но и „Пролукс“ од Прилеп со 150 вработени кои се задолжени за соларната програма.

Ефектите од ИФА по три месеци

Иако кризата на еврото изминативе неколку години се рефлектирала и врз работата на „Леов Компани“, како што вели управителот Златко Леов, состојбата главно останала во рамките на подносливото и фирмата и натаму добро работи. Вработените редовно примаат плата и извозот се одвива нормално. Најмногу, 60 до 70 проценти од производството, се продава на пазарите на Балканот, но и во Романија, Украина, Малта, Шпанија, Португалија. Франција и Англија се се’ уште затворени пазари, а за пробив во Германија би требало да помогне годинашното претставување на ИФА.

Leov Company auf der IFA

Прв производ во програмата на „Леов компани“ беа бојлерите, кои денес се најпродавани

„Ефектот од презентацијата во Берлин ќе се знае по неколку месеци, кога ќе го имаме вистинскиот фитбек од оние кои побараа контакти и кои изразија заинтересираност за производната палета. Присуството на ваквите манифестации е исклучително важно, зашто за да бидеме побарани, ние мора да му кажиме на светот кои сме и што произведуваме“, коментира Злако Леов, кој дополнува дека презентацијата во Берлин е целосно на товар на фирмата.

Закупувањето на штандот на ИФА чинел околу 10.000 евра. Дополнителни биле транспортните трошоци на опремата која тука била претставена, а дополнително тука се и патните трошоци на малата екипа која ја претставила фирмата. Токму поради високите трошоци малку индустриски производители од Македонија си дозволуваат да се претстават во странство на слични саеми, зашто честопати поголеми се давачките одошто добивката од ваквите настапи.

„Јас апелирам во името на цел бизнс свет од Македонија да се здружиме и да седнеме да поразговараме со премиерот и министрите од владата на оваа тема. Треба да кажеме дека е корисно да се субвенционираат и производителите на апарати за домаќинството, а не само оние на храна. Ние плаќаме даноци и извезуваме, па добро за сите ќе биде ако и државата понесе дел од товарот за саемските презентации“, вели Златко Леов.

Во текот на петте саемски дена на ИФА, за „Леов компани“ се заинтересирале повеќемина деловни луѓе од Германија, Мароко и Полска. Амбициите на фирмата се да се освои не само германскиот пазар, туку и поширокиот надвор од Европа, поради што наредната година „Леов компани“ планира настапи на саемот во Дубаи, како и на изложбите за соларна опрема во Сао Паоло и Сан Франциско.