1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Велешани се против рестартирање на Топилницата

По повеќе од осум години почист воздух, без сулфур диоксид, олово, цинк и други тешки метали, граѓаните на Велес, посебно мајките со болни деца, се вознемирија по најавите за рестарт на велешката Топилница.

default

Велешани се вознемирени

Скопската фирма „Метрудхем“ ДООЕЛ на крајот на 2008 го купи Металургиско-хемискиот комбинат „Злетово“, во чиј состав е велешката „Топилница за олово и цинк“ и фабриката за вештачки ѓубрива „ХИВ“ кај Згрополци за 2 милиони и 250 илјади евра.

„Метрудхем“ деновиве во Скопје одржа прес-конференција на која по речиси три години од купувањето на МХК Злетово, во чиј состав е и велешката Топилница, најави нејзино рестартирање. Во писменото известување што за Дојче Веле го даде портпаролот на фирмата, Александар Билбилов, пишува дека „Метрудхем“  е компанија основана во 2008 година, чиј главен проект е ревитализација на производството на олово и цинк. Таа се стекна со имотот на поранешна МХК „Злетово‘‘ во стечај, преку јавен тендер спроведен од Основниот суд во Велес.

„Метрудхем“ најави дека во велешката Топилница ќе вложи 150 милиони американски долари за реновирање, ревитализација и модернизација на

Demo für Schutz vor Umweltverschmutzung in Mazedonien

Граѓаните на Велес бараат да живеат во здрава средина

постројките, од кои најголем дел од парите ќе бидат вложени во екологијата. Тие веќе доставиле известување до Министерството за животна средина и просторно планирање од кое очекуваат дозвола за производство за двеипол до три години.

Велешани се скептици

Велешани, предводени од Зелената еко-сила, поаѓајќи од тоа дека на „Метрудхем‘‘ му требале две години да уплати за купување на „МХК Злетово“ 2 милиони и 250 илјади евра, се скептици  дека сега ќе се вложат толку пари во реновирање и посебно во инсталирање на најсовремени технолошко еколошки  линии во Топилницата. Зелената сила и велешани се единствени во своите ставови дека „Метрудхем“ не е добредојден. Тие се против какво било рестартирање на Топилницата, која им го уништуваше здравјето. Меѓу болестите предничи рак на белите дробови, како последица од загадувањето, а што со бројни испитувања го потврдија и многу лекари и експерти од земјата и странство.

 Д-р Ненад Коциќ, претседател на ЕД „Вила Зора“, членка на Зелената коалиција на Велес, за Дојче Веле потенцира:

„Ние остро реагиравме за можната најава за рестарт на Топилницата, затоа што фабриката после осум години неработење и поради хаварисаноста и вадење на многу делови од погоните   е уште поопасна за здравјето на граѓаните. И затоа сметаме дека нема можност за добивање на интергрирана Б-еколошка дозвола, која треба да има еколошки стандарди, согласно европските. Не веруваме во никакво еколошки чисто производство, затоа што нивните експерти се истите кои 30 години работеа во Топилницата и ништо не направија да не‘ заштитат. За жал ние тоа негативно го почувствувавме по сопственото здравје и затоа не веруваме во нивните ветувања. Од страна на Зелената коалиција ние сме спремни на секаков вид на отпор, пасивен и  друг вид на искажување револт и граѓанска непослушност, се‘ до масовни протести во кои ќе се вклучат сите граѓани, затоа што нема што да загубиме“, дециден е Коциќ.

Познатиот македонски актер, велешанецот Васил Зафирчев, за Дојче Веле изјави: 

„Исклучително важно е што Велес по 30 години труење успеа да се избори овој гигант да не работи. Немам ништо против рестартирање на Топилницата, но

Demo für Schutz vor Umweltverschmutzung in Mazedonien

Васил Зафирчев: Топилницата мора да се дислоцира

според мене треба да се дислоцира од градот, затоа што градот се шири токму во таа насока. Евентуалното рестартирање на Топилницата на постоечката локација би наишло на голем револт не само од велешката, туку и од македонската јавност.“

„Имаме уставно право на живот во здрава средина“

Василка Палитова, велешанка, мајка на болно дете како последица од загадувањето на Топилницата, раскажува:

„Бев во пубертет кога ја пуштија Топилницата и во годините кога требаше да се чува моето и здравјето на моите врсници, ние растевме со загадувањето од Топилницата. Моите деца се родени кога работеше Топилницата, а ќерката ми е со здравствени проблеми токму поради работењето на Топилницата. Сите велешани со години се боревме Топилницата да се затвори и да престане со работа, за да се зачува здравјето на граѓаните, посебено на децата. Ние сме револтирани поради најавите повторно да го трпиме тој терор по нашето здравје. Како граѓани нема тоа да го дозволиме, зашто и ние имаме уставно право на живот во чиста и здрава животна средина“, категорична е Палитова.

Соња Гаврилова претседателка на Здружението на родители за грижа за здраво поколение, кое 12 години се бореше против загадувањето од Топилницата и подобрување на нарушеното  здравје на велешките деца, е децидна:

„Знаејќи ги искуствата на многу родители, па и своето, за потребата од постојана и посебна здравствена нега на нашите деца со нарушено здравје поради загадувањето од Топилницата, сега и самата помисла Топилницата повторно да се рестартира за мене е голем апсурд. Тоа се коси со сите човекови и меѓународни права за здрав живот во здрава животна средина, чиј потписник е и Македонија. Во името на сегашните и идни млади поколенија на Велес упатувам апел до Владата на Република Македонија, да ги потсетам дека нема поголем приоритет од здравјето на најмладите кое треба да го заштити.“

Петре Саздов, заменик на градоначалникот на Велес, за Дојче Веле изјави: „Нашиот став  е јасен - на граѓаните на Велес им е доста од загадувањето и

Petre Sazdov Vizebürgermeister von Veles und Slavco Cadiev Vorsitzender des Stadtrates in Veles

Петрес Саздов и Славчо Чадиев: Ако треба повторно ќе се активира Одборот за спас од Топилницата

Топилницата среде град. Ние  со сите свои ингеренции ќе се заложиме да го спречиме  нејзиното рестартирање.“

Саздов потенцира, дека ако треба повторно ќе го активираат Одборот за спас од Топилницата, а на ист став е и претседателот на Советот на Општина Велес, Славчо Чадиев.

Метрудхем: Свесни сме за реакциите на велешани, но ќе сториме се‘ да го заштитиме нивното здравје

За  ваквите остри  реакции на велешани и локалните власти на Велес, во писменото појаснување дадено за Дојче Веле, портпаролот на „Метрудхем“, Александар Билбилов потенцира: „Свесни сме за еколошката катастрофа што ги снајде граѓаните на Велес и во потполност ја разбираме нивната борба за максимална заштита на животната средина. Се разбира дека здравјето на граѓаните е поважно од која било економска инвестиција. Меѓутоа, потенцираме дека „Метрудхем“ ДООЕЛ - Скопје не е компанијата која го направи загадувањето. Ние сме компанија која ќе понуди најсовремени технологии кои ги задоволуваат сите светски стандарди за екологија. Дури и доколку ја добиеме дозволата за работа ќе извршиме ремедијација - прочистување на дел од загадената почва во Велес, иако не е наша обврска. Само со економски силен субјект кој е корпоративно свесен за здравјето и заштитата на човековата околина може да се спроведат активности за чистење на историското загадување. Само така Велес повторно ќе биде чист град“, се вели во писменото појаснување од „Метрудхем“‘ ДООЕЛ-Скопје.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска