1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Велешани во борба за живот против Топилницата

Зелената коалиција и граѓаните на Велес вечерва (09.11) од плоштадот Сармаале ќе протестираат против рестарт на Топилницата. Се вели дека од тоа не зависи само нивната, туку и иднината на идните генерации на Велес

default

Под мотото „На протест против геноцидната идеја и Никогаш повеќе Топилница“, Зелената коалиција, поддржана од градоначалникот, Советот на општината и Одборот за спас, како и од бизнисмените, лекарите, просветните и спортски работници, пензионерите и пред се‘ младите, МПЦ-Повардарска Епархија, Исламската верска заедница и бројни невладини здруженија и граѓаните на Велес, на целта - пред портите на Топилница, ќе им речат НЕ на новите газди, скопскaта фирма „Метрудхем“. Топилницата нека работи и остварува економски профит, но тоа нека биде надвор од градот и на друга локација, која нема да ги уништува нашите животи како во изминатите 30 години, децидни се од Зелената коалиција.Тие велат дека оваа битка против најголемиот убиец на Велес -Топилницата, не е само за сегашните, туку и за идните генерации на Велес. Тие ќе протестираат токму на Денот на градот - 9-ти ноември.

Велешани преплашени од нов можен геноцид врз нивното здравје

По осумипол години мирен живот, велешани последниве дваесетина дена повторно се под стрес, исплашени за своите и животите на своите деца, по најавата за можен рестарт на Топилницата за олово и цинк. Тоа деновиве, на прес-конференција во Скопје, го најавија новите газди - скопската фирма

Demo für Schutz vor Umweltverschmutzung in Mazedonien

Велешани протестираа и досега и велат дека би било историска грешка доколку Топилницата се пушти на истата локација

„Метрудхем ДООЕЛ“, која сака да ја рестартира Топилница на постоечката локација, за што веќе испратила писмо со барање за одобрение од Министерството за животна средина и просторно планирање. Новите газди, зад кои стои интернационалната компанија „Минеко“, со седиште во Швајцарија, топилницата во Велес ја купија кон крајот на 2009 година за само 2,2 милиони евра. Сега најавуваат директна голема инвестиција од околу 150 милиони долари за најнова технологија, од кои дури 100 милиони долари би вложиле за заштита на животната средина, а би вработиле и над илјада лица. Директорот на „Метрудхем“, Тони Димитриески, на прес-конференција во Скопје, ги уверуваше граѓаните на Велес дека топилницата, откако повторно ќе проработи, нема да им ја загадува околината. Велешани, од искуството со загадувањето од топилницата што на себе го чувствуваа 30 години и која многу им го наруши здравјето,а многумина од нивните семејства, поради голем број канцерогени болести, однесе во смрт, не му веруваат и заедно со Зелената коалиција го прогласија Димитриески за непожелна личност во Велес.

Метрудхем‘‘ тврди дека ќе работи со нова, Зелената коалиција вели дека ќе се работи со старата технологија

Според сознанијата на Зелената коалиција, „Метрудхем‘‘ има намера производствениот процес во Топилницата да старува на истата локација со постоечката опрема и технологија. Со вакви намери сопствениците веќе доставиле писмо до Министерството за животна средина, а со цел да добијат А интегрирана еколошка дозвола, вели Ненад Коциќ од Зелената коалиција:

Umwelt Symbolbild Recycling Erde

Од Зелената коалиција потенцираат дека од овој протест, оваа битка против рестарт на Топилницата, не зависи само нивната, туку и иднината на идните генерации на Велес, за живот во здрава животна средина

„Ние како коалиција, и јас лично како човек, сметам дека е крајно опасно и претставува закана по животот и здравјето на граѓаните на Велес и по животната средина. Досега плативме со огромен број жртви и човечки трагедии од аспект на малигни заболувања, пред се‘ кај младата популација, а не се исклучени ни постарите. Сите статистички анализи покажуваат дека Велес е енормно загадено подрачје, а енормно многу има и хронични заболувања кои се поврзуваат со загадувањето од Топилницата. Сметаме дека историска грешка би била да се пушти Топилницата на истата локација како што било во 1973 година, тоа би било катастрофално по Велес“, смета Коциќ.

Ако Топилницата повторно стартува на истата локација со постоечката технологија „Империјал смелтинг‘‘, „Метрудхем“, колку и да вложи во заштитата на животната средина, загадувањето ќе остане, потенцира инженер Петар Стојанов, поранешен вработен во Топилница:

„Пак ќе има големо влијание врз животната средина на граѓаните во Велес, на воздухот, на водата, затоа што дотурот, истоварот и манипулацијата со прашкасти суровини е на отворено и со ветерот може да се пренесат честички кои содржат тешки метали спрема градот. Со тоа и повторно би имало и загадување на Велес со тешки метали, како порано“, смета инженер Стојанов.

Од протестот зависи и иднината на идните генерации на Велес

Во прилог на спас на Велес од Топилницата говори и најновата одлука на Советот на општината, донесена на последната седница, а се однесува на измена и дополнување на Генералниот урбанистички план на Велес. Со процедурата, која веќе стартува, земјиштето на кое се наоѓа Топилницата се пренаменува и ќе се забрани работа на каква било загадувачка индустрија со тешки метали. Од Зелената коалиција потенцираат дека од овој протест, оваа битка против рестарт на Топилницата, не зависи само нивната, туку и иднината на идните генерации на Велес, за живот во здрава животна средина.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска