1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Велер не го оствари сонот, Салцгебер со “сребро” незадоволна – и‘ го одзедоа ли судиите “златото”?

Ула Салцгебер беше многу позадоволна по екипните натпревари

Ула Салцгебер беше многу позадоволна по екипните натпревари

Ула Салцгебер со коњот Расти, по златниот медал во дресурно јавање во екипна конкуренција, го освои и сребрениот во поединечните натпревари. Победник стана Холанѓанката Анки ван Грунсвен, како и пред 4 години во Сиднеј. Германската претставничка не го скриваше незадоволството: “Среќна сум што ова овде заврши. Расти овде го имаше последниот испит во животот, за него овде завршија игрите со дресурата. Сребрен медал, мислам, сепак не е сосем ништо”.

Салцгебер се пожали на бодувањето од страна на судиите, посебно на полскиот претставник Војчех Марковски: “Бидејќи господин Марковски и вчера ме оцени 6 проценти под Анки, всушност беше јасно дека не можам со јавањето да се борам против такво пресудување”.

На судиите забелешки има и германскиот велосипедист Рене Волф, кој на патеката во велодромот се избори за бронзен медал, но трофејот му е одземен со решение на судиското жири, кое процени дека тој за време на натпреварот попречувал друг возач.

Германскиот претставник во бокс во мува категорија Рустам Рахимов го обезбеди бронзениот медал по победата во четвртфиналето против Паулус Амбунда од Намибија. Ветеранот Рони Велер не успеа својот петти настап на олимпијадите да го круниса со медал во кревање тегови: поради повреда на рамото тој се откажа во текот на натпреварувањето. Победник во категоријата преку 105 килограми, како и пред 4 години, стана Иранецот Хосеин Резазадех, кој уште постави и светски рекорд.

На турнирот во хокеј на трева машката репрезентација на Германија загуби од Холандија со 3 спрема 2 и ќе игра во борба за бронзениот медал. Ватерполистите на Германија воопшто не дојдоа до шанса да се борат за медал: во четвртфиналето се поразени од Русија со 12 спрема 5. Но, затоа пак германските кајакари во полн состав со 10 чамци се застапени во финалните трки.

Гркинката Фани Халкиа победи во трката на 400 метри со пречки и го освои вториот златен медал во атлетика за домаќинот на игрите. На 200 метри најбрза беше Вероника Кембел од Јамајка, во фрлање кладиво златниот медал и‘ припадна на Русинката Олга Кузенкова.

Вкупните расходи на олимпијадата, според оцена на неименуван претставник од Министерството за финансии на Грција ќе достигнат приближно 10 милијарди евра, пренесуваат британски медиуми. Планирани беа расходи во висина од 4,6 милијарди. Претходната недела заменик-министерот за финансии Дукас изјави дека игрите ќе чинат околу 7 милијарди евра.

Од спортот и вест надвор од олимписката хроника: Баер Леверкузен се пласира за Лигата на шампионите, иако во Острава беше поразен од Бањик со 2 спрема 1. Во првиот дуел Баер победи со 5 спрема 0.

Претходно Шалке 04 го обезбеди учеството во купот на УЕФА елиминирајќи го Слован, кого во Либерец го победи со 1 спрема 0.