1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

„Вегетаријански ден“ за најголемите „месојадци“ во Европа

Околу 90 килограми месо годишно јаде секој Германец - повеќе од повеќето Европејци и десетпати повеќе од луѓето во Индија. Партијата на Зелените побара воведување „Вегетаријански ден“ во мензите и сега „жнее“ протести.

Кој деновиве ги следи германските медиуми, порано или подоцна ќе наиде на поимот за кој до неодамна знаеа само некои. „Веџи деј“ (Вегетарјански ден) е нова идеја на германската опозициска Партија на Зелените. Претседателката на оваа партија Ренате Кинаст објави за време на актуелната кампања за изборите, кои ќе се одржат кон крајот на септември, дека неодговорното германско консумирање на месо, треба да се ублажи со воведување на „Ден без месо!“ во германските мензи, како во училишните и студентските, така и во оние во германските компании.

На рекации не требаше да се чека долго. Политичките противници на Зелените, во кои спаѓаат пред се' владејачките демохристијани и либерали, веднаш почнаа да фрлаат со дрва и камења по еколошката партија, дека со своите нови барања врши непотребен притисок врз граѓаните. Но дури и традиционалните партнери - опозициските социјалдемократи -, кои повеќе пати беа во владина коалиција со Зелените реагираа негативно. Еден од коментарите беше: „Зелените очигледно не сфатија дека сега се работи за колбасот“, рече Пер Штајнбрик, кандидат на СПД за канцелар на претстојните избори, употребувајќи ја германската изрека, која всушнот значи дека работите станале посериозни.

Факт е дека се јаде премногу месо



Можеби и самата изрека покажува колку сериозно Германците го сфаќаат месото и колбасите, но и фактот дека „поголемиот“ коалиционен партнер не е многу среќен што Зелените „си играат“ со страсната врска меѓу Германците и консумирањето шницли и коленици. Либералите, кои имаат особено нетрпелив однос кон Зелените, иронично им предложија на своите политички противници да воведат и „Ден на велосипедот“, „Ден на носење зелени блузи“ или „Ден на платнени (еколошки) торби“.

Шефицата на Зелените бурните реакции за својот вегетарјански предлог ги поврзува со предизборната кампања. Во разговорот за ДВ, Ренате Кинаст објаснува дека нејзината партија всушност воопшто не сака да воведе некаков закон, кој би наметнувал некому нешто, туку сака да потикне расправа за штетноста на прекумерното консумирање на месо и тоа не само поради здравствени причини, туку и поради зачувување на животната средина. „Ние само сакаме да се соочиме со фактот дека јадеме премногу месо кое не само што не е здраво, туку е и искористување на природните ресурси, кои во иднина нема да можеме да си ги дозволиме“, вели Кунаст за ДВ.

Некои мензи одамна нудат вегетарјански јадења

Но она што го бараат Зелените со политичка помпа, во многу мензи е всушност одамна реалност. Во мензата на централата на германската пошта „Дојче Пост“ во Бон, четвртокот е резервиран за вегетарјански јадења. На менито има 5 различни јадења без месо и никој од вработените не се побунил. Многумина со љубопитност го откриваат тајниот свет на јадењата без месо. Но ретко кој од гостите надвор од мензите се храни вегетаријански.

„Особено сега на лето во сезоната на скара не се откажувам од месо, но идејата еден ден без месо во неделата не е лоша“, вели една гостинка на мензата.

Шефот на мензата Андреас Билгер не верува дека вегетаријанскиот ден ќе ги избрка неговите гости. Иако вели тој, консумирањето на вегетаријански јадења еднаш неделно можеби би поттикнал некои од гостите да размислат, колку јадат месо и дали се меѓу оние кои тоа го прават премногу. Секако дека шефот на мензата никого не го присилува да се откаже од месо. И на вегетаријанскиот ден се нуди едно јадење со месо: колбас со помфрит. Но понудата на вегетаријански јадења е далку попривлечна. Домашни кнедли со сос од зеленчук, азиски омлет со лута салата од манго и краставица или пржени келраби со штрудла од компир. Поради тоа не е ни чудно дека бифето со колбаси и помфрит е празно.



Искрена идеја или политичка калкулација?

„Дојче Пост“ не е единствената германска компанија, која во својата понуда секојдневно има и вегетаријански јадења, а и германските универзитети веќе одамна воведоа во менијата јадења без месо. Притоа не станува збор за некаков тренд, факт е дека има многу луѓе кои се вегетарјанци.

Сепак без разлика дали и колку се кријат политички калкулации во предлогот на Зелените и колку моменталната расправа може да се поврзе, и покрај загреаната предизборна капања, со „сезоната на кисели краставици“ во медиумите, факт е дека Германците јадат повеќе месо отколку што тоа го прпорачуваат стручњаците. Германското здружение за исхрана (ДГЕ) препорачува неделно конзумирање од 300 до 600 грама месо и месни преработки. Тоа значи дека дневната потреба за месо е покриена веќе со неколку кришки салама, а на неделно ниво шницла со средна големина. Но граѓаните на Германија во просек јадат повеќе од еден килограм месо неделно. И тоа не останува без последици врз здравствената слика на граѓаните.

„Болести на метаболизмот, крвотокот, срцеви заболувања“, сето се тоа болести кои ги набројува Михаел Или од Здраственото осигурување (ТК) и кои се поврзуваат со прекумерно консумирање на месо.

И како краен аргумент останува и прашањето на заштита на животната средина. Земјоделството произведува една третина издувни гасови, најголем дел отпаѓа на производство на месо. Решение на многу, па и на некои сточари, е формулата: „Помалку, но подобро“. Сепак расправата за тоа, дали е подобро свинското месо од супермаркет за неколку евра по килогограм или парче за истата сума пари во месарница, која има само биолошки одгледувано месо, е стара веќе неколку години и досега не се помрдна од мртва точка.

Покрај тоа и неодамнешното претставување на плескавица од епрувета не наиде на преголемо воодушевување во јавноста. Расправата за консумирање месо и онака не е од краткорочна природа и не им оди од рака на оние кои, како и останатите партии, се наоѓаат моментално среде предизборно препукување.