1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Вевчани – карневал без стеги и под отворено небо

Вевчани го живее традиционалниот Василичарски карневал, стар над 1400 години. Василичарите жигосуваат настани и постапки на политичари и на сите од јавниот живот во Македонија и светот.

Во Вевчани карневалскиот дух лебди преку цела година, ни велат неколкумина повозрасни жители кои со возбуда очекуваат да започне карневалското дефиле. Вевчанци се карактеристични по својата остроумност, борбеност и одважност. Но често преку карневалот и групните маски на кои работат со денови, потоа ги исмеваат другите, ама и себеси. За овој печалбарски крај и денес важи мислата: било каде и да си, за Василица, дома да си. Мирисот на луканките, (колбаси ) греаната ракија и вино од кафеаните ги обзема сите. Мнозина, така го победуваат студот. Платото се полни со посетители и туристи кои од година во година ги има се‘ повеќе. Од еден, карневалот се протегна на цели четири дена. Славејќи го доаѓањето на Нова година по Јулијанскиот календар, преку спојот на паганството и традицијата со векови карневалот во Вевчани успеал да ја зачува посебноста. Денес тој не е само локален настан, туку е дел од календарот на Асоцијацијата на светски карневалски градови.

Маските никој не ги одбира, ниту карневалот некој го режира

Градоначалникот на Вевчани Перо Илиески уште пред почетокот на карневалот повтори и призна дека маските се работа на маскираните и дека никој по традиција не може да им сугерира какви маски треба да имаат, ниту некој може да го режира целиот настан. Ова вусшност беше одговор на минатогодишните тензии и протести во Струга кога пародиите од Вевчанскиот карневал со куранот, верниците ги разбрале како исмевање со исламот.

Маски кои ве тераат да размислувате за сегашноста и иднината

„Се може да запре и да го нема, но Вевчанскиот карневал не“, отворајќи го годинашниот карневал рече заменик министерот за култура на Република Македонија, Драган Недељковиќ. За потоа да се редат маските една по една. Традиционалните Зетот, нестата и Глупавиот Август со придружбата, па Вевчанските шмизли кои дефилираа на мотор, од мажоретките и марионетиките, до групната маска Разгаленото дете на Европа – Грција. Присутните најслатки се насмеаа, ама и замислија по неколкуте маски кои имаа политичка конотација, сврзани со соживотот во Македонија и бурното политичко препукување и живеење. Луѓето се воодушевени од досетливоста и инвентивноста на маскираните, ги фотографираа, им ракоплескаа и се сликаа со нив.

Вевчани е веќе во Европа со проектот „Карневалот цар на Европа“

„Од 2007 година Музејот на Македонија е коорганизатор во проектот ’Карневалот цар на Европа’ финанисиран од Европската комисија за култура и аудиовизуелни уметности. На почетокот бевме пет етнографски музеи, а сега сме веќе девет“, објаснува Владимир Боцев етнолог – виш кустос во Музејот. Тој и неговите колеги етнолози од неколку европски земји се гости на Вевчанскиот карневал. „Ги истражуваме карневалите и обичаите под маски. Си поставивме цел - да составиме опширна фото и видео документација за сите земји учеснички и одиме на терен. Од тоа се прават документарно – етнографски филмови и изложби“, вели Боцев. Во 2009 година се случила првата патувачка изложба составена од Македонија, Италија, Хрватска и Бугарија. Подоцна се приклучиле и музеи од Словенија, Полска, Романија и Шпанија. „Преку проектот се потенцира и европскиот идентитет. Се трудиме да ги пронајдеме и покажеме заедничките корени. Искуството ни покажува дека сите карневали визуелно различно изгледаат, но имаат слична суштина. Тоа се: среќата, плодноста, поттикнување на заедништвото“, додава Боцев. Го прашуваме: зошто цар на Европа? „Едноставно со Европа владееле многу цареви , поминале и заминале, а карневалите биле и останале“, одговара тој.

Ќе биде посетена секоја куќа во Вевчани

Дефилето полека го напушта центарот на Вевчани. Василичарските тајфи ја започнуваат посетата на сите семејства и посебно домовите на оние кои го носат името на Свети Василиј. Вевчани ќе биде будно цела ноќ. Утре (14 јануари) карневалот завршува со церемонијалното палење на маските, како симбол на уништувањето на злото и прочистувањето на лошите духови. Така, вевчанци со чиста душа ќе влезат во Новата година.