1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Вевчани живее за карневалот

Вевчани и овој Свети Василиј живее во знакот на традиционалниот карневал. Во дефилето, од пагански обичаи до актуелни случувања. Вевчанци уште еднаш преку маските ја покажаа својата инвентивност, посебност и гордост.

default

Пародија на политичкиот живот во Македонија во Вевчани

Зетот, „нестата“ и Глупавиот Август ... традиционално продефилираа низ центарот на Вевчани. Но досетливите и остроумни вевчанци со креативните маски не ги поштедија ниту премиерот Никола Груевски, лидерот на опозицијата Бранко Црвенкоски ... Со ред без исклучок театарот на отворено ги исмејува сите случувања кои остануваат и во меморијата на обичниот човек. Годинава се чини најголемо внимание предизвика пародијата на апсењето на сопственикот на А1 Велија Рамковски .

Македонија често им е претесна, па василичарите успеваат немилосрдно да удрат со критика, се разбира на свој начин по настаните коишто го тресат светот. Со часови смеа и по некое скиселено лице поради реалноста и пораките кои кога ќе размисли човек често болат и печат. Ама затоа, никој не ќе успее да изброи колку вино и греана ракија се испи во ова деноноќие, кога беше посетена секоја вевчанска куќа со желба за напредок и здравје, а и оние коишто го носат името Васил славеа до зори.

Децата се раѓаат со зборт карневал на уста

„Денеска во мојата маска кадешто бев маскиран имаше околу осумдесет луѓе од кои десет беа деца на возраст од пет до осум години. Замислете еден километар го поминаа одејќи на коленци. Ова е пример за тоа од кога децата се задојуваат со карневалот. За нас карневалот е голема работа“, вели Тоше Чочорски “

Karneval in Vevcani Mazedonien

Апсењето на сопственикот на А1, Велија Рамковски беше една од централните теми

Карневалот е своевидно огледало во кое може секој да се препознае:

„Кој може да собере толку народ, освен ние. Ќе дојдеме следниве дванаесет, осумнаесет, дваесет и две години, ама следни. Здравје и одиме на избори со метла“.

Власта речиси не дојде, опозицијата и амбасадорите беа меѓу народот

И додека власта вешто го избегна појавувањето во Вевчани, опозиционерите и дипломатите во Македонија ги почестија вевчанци со присуството. Американскиот амбасадор Филип Рикер за прв пат дојде на Василица во Вевчани:

„Научив малку за карневалот, традицијата и хуморот, за ракијата“.

„И оваа година е полна предизивици. Сепак ова е убав начин да се зачува традицијата и да се означи почетокот на Нова година“, рече евроамбасадорот Ерван Фуере.

Карневалот со годините добива нов дух и димензии

Слободан Пупиноски е ликовен уметник и по потекло од Вевчани, со децении им се восхитува на одбраните бои, форми и содржини :

„Карневалот малку делува стихијно во поглед на креацијата на маските и идеите за нив. Би требало во иднина да има консултации со лица од областа на уметноста, кои би придонеле кон создавање нови маски“.

Karneval in Vevcani

Факт е дека времето само ги носи промените. Така и карневалот полека добива нова физиономија, вели Олгица:

„Самото време си го носи тоа, па така и жените не е забрането да се маскираат, не постои дискриминација. Секој што сака може да се маскира и го изразува она што го чувствувал во текот на една година“.

Низ вековите духот на Вевчани не успеал никој да го скрши, а историјата вели дека мнозина се намерачиле да го сторат тоа. Цели четиринаесет века, токму преку карневалот и театарот на отворено со мајтап и отворена критика вевчанци без влакно на јазикот ја покажувале својата остроумност и непокорност.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM