1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Вајскирхен: "опасен изборен резултат во Србија"

Парламентарните избори во Србија минаа во слободна и фер атмосфера - оцени денеска Организацијата за безбедност и соработка во Европа. Според досегашните непотполни резултати најголема парламентарна група ќе има Српската радикална партија на Воислав Шешељ, која освои 27,7%. Таа и' понуди преговори за создавање владина коалиција на Демократската партија на Србија на поранешниот претедател на СРЈ, Воислав Коштуница, која е втора сила во парламентот со освоени 18%.

Европската Комисија во првата реакција по информациите за победата на радикалните сили во Србија изрази надеж за брзо формирање нова влада и продолжување на реформскиот курс кон ЕУ.

Предвремените парламентарни избори во Србија доведоа до значително поместување на десно, што не претставува неопасна ситуација - оцени денеска германскиот парламентарец Герхард Вајскирхен, како набљудувач на изборите од името на ОБСЕ. Тој во Белград додаде дека изборниот резултат ги принудува демократските сили во Србија да ги надминат кавгите и да се договорат околу основните принципи.

"Тоа е опасен изборен резултат не само затоа што националистите станаа најсилна пратеничка група во парламентот во Белград, туку и затоа што во предизборната кампања имаше јасен обид да се казни Западот и да му се одмазди за се' што и' сторил на Србија. Во Србија луѓето очигледно и понатаму се обидуваат вината да ја бараат кај другите, а не кај себе и тоа е најголемата психолошка пречка за процесот на модернизација, што мора да биде надмината. Инаку земјата нема да фати приклучок кон ЕУ" - оцени Вајскирхен во името на ОБСЕ.

Андреас Грос, заменик претседател на Парламентарното Собрание на Совет на Европа, пак, ја критизираше недоволната заинтересираност на ЕУ за Србија и воопшто за целиот Балкан. Според Грос, кој исто така ги набљудуваше изборите, ЕУ требала да се ангажира во Иаточна Европа и на Балканот по угледот на САД, кои по Втората светска војна се погрижиле во Германија да надвладеат демократските, а не националисистичките сили. Како причина за успехот на националистите во Србија, Грос ја посочи недоволната сигурност на населението. Со стапка на невработеност од 50%, во услови на сиромаштија и недостаток на перспектива, демократијата немаше речиси никакви шанси против национализмот.

За последиците од вчерашните избори во Србија по нејзините европски перспективи, Бодо Хомбах како поранешен координатор на Пактот за стабилност и добар познавач на приликте на Балканот, за ДВ изјави:

"Во Србија е познато дека позицијата на земјата во однос на Европа, но и во однос на соседите ќе биде многу ослабена. Доколку Шешељ, српскиот Ле Пен, со својата партија слави повторно издигнување, тогаш е тоа свесно посакувано отстапување од Европа, тогаш е тоа знак дека демократските сили се' уште не се добро втемелени. Но, тоа е и знак дека ние во Европа можеби мораме да се прашаме дали надежите што ги разбудивме по падот на Милошевиќ, кога Србите се ослободија од последниот диктатор во Европа, не беа премногу изневерени, зашто голем дел од ветената поддршка за земјата не пристигна. Тоа мораме да си го ставиме малку и на наша сметка" - оцени Хомбах.

На прашањето, пак, дали Европа не сторила премалку за да го одбегне чувството кај Србите дека тие како народ во целина се товарат за трагичните настани околу распаѓањето на поранешна Југославија и околу Косово, Хомбах изјави:

"Тука се секогаш во игра две страни, едната ги почитува ваквите чувства, а другата која апелира тие да не ги преплават луѓето. Кон разбирањето дека на еден народ му треба време за да се ослободи од товарот на сопствената историја, треба да постои и јасен и цврст став. Зоран Ѓинѓиќ беше единствениот кој можеше да создаде ваква мешавина од насоченост кон иднината и истовремен почит кон традицијата. Сакам да нагласам дека покрај сите преиспитувања на нашите грешки, Србите се возрасни луѓе и тие мораат да ги сносат последиците од сопственото делување."