1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Вашингтон со иста порака до Бакојани и Милошоски

Преговорите за името ќе продолжат под медијаторство на Нимиц, нема нов американски предлог- гласат последните информации од Вашингтон. По средбата на Рајс и Бакојани двете страни дипломатски ги потврдија своите ставови.

default

Кондолиза Рајс

Речиси половина час американскиот државен секретар, Кондолиза Рајс и грчката министерка за надворешни работи, Дора Бакојани, зад затворени врати разговарале за спорот со името меѓу Македонија и Грција. Но, нивната средба во Вашингтон, барем за јавноста, не донесе некое драматично поместување на позициите. И двете страни дипломатски ги потврдија своите ставови, демантирајќи дека биле понудени нови варијатни за решавање на спорот. По состанокот Бакојани ја повтори позицијата на Атина дека приемот на Македонија во НАТО и ЕУ ќе зависи од пронаоѓањето заемно прифатливо решение за проблемот со името.

„Преговорите за името ќе продолжат. Ние имавме можност да ја претставиме нашата позиција пред Американците. Не беше дискутирано за нови предлози за име“, рече Бакојани по состанокот.

Рајс не дала нов предлог за името

Кондолиза Рајс на грчката колешка и‘ укажала дека САД се многу заинтересирани да се случи најавеното проширување на НАТО алијансата на претстојниот самит во Букурешт. Она што е извесно, а го потврдија и американските и грчките претставници е дека сега се очекува продолжување на преговорите со посредство на Метју Нимиц, како единствен начин да се дојде до компромисно решение. Од Стејт Департментот уште еднаш повторија дека Рајс не дала нов предлог за името.

„Нема нов предлог за името. Ние го поддржуваме медијаторството на амбасадорот Нимиц. Како што му беше укажано и на македонскиот министер за надворешни работи пред неколку дена, истата порака ја доби и грчката министерка, а тоа е охрабрување за двете страни да изнајдат компромис со посредство на Нимиц, изјави портпаролот, Шон Меккормак.

Според информациите од средбата, Рајс и Бакојани 25 минути разговарале зад затворени врати околу проблемот со името, а дури потоа им се придружиле и нивните советници, по што разговорите продолжиле на тема Косово и енергетските рути на Балканот.

До решение преку посредство на Нимиц

Меккормак одбегна да одговори на прашањето – како американската администрација ги коментира грчките закани за вето, на приемот на Македонија во НАТО. „Ние знаеме дека проблемот е многу чувствителнопрашање и за Македонија и за Грција. Затоа и поминуваме толку време и вложуваме толку напори за да им помогнеме на обете страни да дојдат до компромис. Нашиот став е дека ќе успеат да дојдат до решение со посредство на Нимиц“, изјави тој.

Според информациите, посредникот на ОН, Метју Нимиц, наредната недела треба пред Скопје и Атина да го презентира новиот и веројатно последен предлог за решавање на деценискиот спор.

Поврзана содржина