1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вашингтон не отстапува

Нападите во Кабул и Пешавар што однесоа над 100 жртви, наидоа на остра осуда во светот. Од кабинетот на американскиот претседател се вели дека делата на екстремистите нема да ги одвратат САД од борбата против тероризмот.

default

По нападот во Пешавар

Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон, побара од одговорните за нападот во Пешавар, во кој загинаа десетици цивили да се активираат политички: „Ако луѓето кои стојат зад нападите се толку убедени во исправноста на своите ставови, тогаш треба да станат политички активни. Понудете им ги на луѓето и на демократијата во Пакистан вашите аргументи за да ги убедите“, повика Клинтон.

Во Белата куќа, портпаролот Роберт Гибс, вака го искоментира нападот во Пакистан: „Настаните во Пакистан покажуваат колкава опасност претставува тероризмот, не само за нас, туку и за владата во Пакистан.“

Вашингтон смета со ново насилство во Авганистан

Pakistan USA Hillary Rodham Clinton bei Nawaz Sharif in Lahore

Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон на разговорите со лидерот на опозицијата во Пакистан Наваз Шариф

По смртоносниот напад врз куќата на ОН во Кабул, Белата куќа е загрижена и за состојбата во Авганистан. Американскиот претседател Барак Обама веќе со недели разговара со своите советници за безбедност околу натамошните чекори и можното зголемување на бројот на американски војници во таа земја. Тоа го побара американскиот командант на силите ИСАФ, генерал Стенли Меккристал. На 7 ноември во Авганистан ќе се одржи вториот круг од претседателските избори и Вашингтон смета дека е можно ново насилство.

„Тоа го согледавме уште пред првиот круг избори. Не се сомневам дека талибанците и другите екстремисти и овојпат ќе се обидат да ги попречат изборите“, вели портпаролот Гибс.

Меккејн: Време е да дејствуваме

Американскиот сенатор од редовите на републиканците Џон Меккејн, во меѓувреме, го повика Барак Обама брзо да донесе одлука околу идната стратегија за Авганистан. Во интервју за телевизијата СиБиЕс, Меккејн изјави дека командантите, поради воздржаноста, се фрустрирани: „Да, тоа е голема одговорност, но и натаму да се одолговлекува со решение не ни‘ помага ништо. Време е да дејствуваме.

Притисокот врз Обама уште повеќе го зголемува веста дека од почетокот на ангажманот во Авганистан пред осум години, овој октомври е месец со најголеми загуби за американските сили.

Автор: Никол Марквалд / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска