1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Вашингтон нема да ја казнува Атина поради ветото за Македонија

Американските аналитичари не очекуваат промена на политиката кон Атина по самитот во Букурешт. Напротив тоа според нив би било контрапродуктивно.

default

Белата куќа во Вашингтон

Американските аналитичари не очекуваат никакво заострување на политиката на Вашингтон кон Атина, ниту пак обид да се казни Грција поради ветото за приемот на Македонија во НАТО. Таквата политика, според експертите, би била контрапродуктивна.

Грчките медиуми последниве денови шпекулираат со можноста од зголемен американски притисок. Проценките во Атина одат дотаму што се стравува и од далеку покритичен однос на Вашингтон за прашањата за правата на малцинствата во Грција, како и за евентуален притисок за признавање на независноста на Косово.

Стејт департментот досега не се изјаснил официјално на оваа тема, а малку е веројатно дека тоа и во иднина ќе го стори. Поранешниот висок функционер во Стејт департментот и актуелен потпретседател на американскиот Институт за мир, Даниел Сервер, вели дека не очекува промена на политиката кон Атина. Напротив, вели Сервер за Дојче Веле, би било контрапродуктивно да се казнува Атина поради она што го стори во Букурешт бидејќи тоа би можело да ги предизвика истите националистички реакции кои и го предизвикаа спорот со името, уште на самиот почеток.

Тој не го крие разочарувањето од неуспехот на Македонија да добие покана на самитот во Букурешт, оценувајќи дека Атина со своето однесување само го продлабочила спорот кој на некој начин веќе бил затворен.

САД одамна ја критикуваат Грција поради односот кон малцинствата

Што се однесува до стравувањата кои доаѓаа од грчкиот печат, нејасно е од какви заострувања се плаши Атина, имајќи предвид дека Стејт департментот во својот извештај за човековите права веќе со години наназад остро ја критикува Грција поради односот кон малцинствата.

Во последниот извештај, за 2007 година, презентиран минатиот месец, САД ја критикуваа Грција поради негирањето дека постои македонско малцинство на нејзината територија и притисоците кои ги врши врз нив. Во извештајот пишуваше дека во Грција граѓаните што се идентификуваат како Македонци, Турци, Помаци, Власи и Роми се соочуваат со тешкотии слободно да се искажуваат и да ја негуваат својата култура.

Оттука ниту поранешниот директор за европски прашања во американскиот Совет за безбедност, Чарлс Купчан не очекува заострување на односите меѓу Вашингтон и Атина, туку напротив, обиди да се реши спорот што е можно побрзо. „Мислам дека Вашингтон ќе остане инволвиран и ќе продолжи да работи на решавање на проблемот и ќе ги поддржува напорите за изнаоѓање решение. Фактот дека за време на Самитот се говореше за решавање на овој проблем пред Буш да си замине од функцијата сугерира дека постои временска рамка за решавање на проблемот пред следниот претседател да дојде во Белата Куќа“, оцени неодмна за Дојче Веле, Купчан.