1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Вашингтон ги повика Скопје и Атина да продолжат со преговорите

Во пресрет на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Алијансата во Брисел на кој треба да биде донесена одлуката за прием на нови членки, САД се надеваат дека се уште има време за компромис.

default

Преговарачката тројка

Американскиот Стејт Департмент ги повика Атина и Скопје да продолжат со разговорите и да изнајдат решение за проблемот со името во блиска иднина. Притисокот од Вашингтон повторно се зголемува и врз Македонија и врз Грција, иако засега нема официјална потврда на информациите во некои грчки медиуми дека како посредник меѓу двете земји би се јавил лично и американскиот претседател Џорџ Буш.

Вашингтон се надева дека е можно решение во блиска иднина

Од Белата Куќа нема потврда на информацијата во грчките медиуми дека Буш деновиве планира телефонски да разговара со македонскиот претседател Црвенковски и со грчкиот премиер Караманлис во обид да влијае да се надмине спорот.

„Нашата порака до двете страни е продолжете да се обидувате. За време на средбите кои државниот секретар Рајс ги имаше со македонскиот и со грчкиот министер за надворешни работи ги охрабривме да продолжат да работат со посредство на Нимиц за да се најде взаемно прифатливо решение за проблемот со името. Тоа и понатаму е нашата позиција и се надеваме дека може да се пронајде решение во блиска иднина, изјави вчера портпаролот на Стејт Департментот Том Кејси.

Нова средба на Рајс со Бакојани и Милошоски?

Кејси не можеше да потврди дали во пресрет на претстојниот состанок на шефовите на дипломатиите на НАТО членки во Брисел, Рајс ќе оствари нови средби со македеонскиот и со грчкиот колега, иако не ја исклучи таквата можност.

„Ова е проблем кој ги загрижува не само САД туку и други земји членки на НАТО. Грција ни е важен пријател и сојузник во НАТО. Така да не би било изненадување доколку ова прашање биде поставено за време на средбите во Брисел., изјави Кејси.

Њујорк Тајмс и УСА Тудеј за спорот околу името

За првпат по подолго време, спорот меѓу Македонија и Грција го предизвика и вниманието на водечките американски весници.

Пренесувајќи детали од средбите на генералниот секретар на НАТО, Јап Де Хоп Шефер во Атина Њујорк Тајмс вчера напиша дека поканата за членство на Македонија во НАТО би можела да биде блокирана, доколку земјата не постигне договор со Грција за името. Њујорк Тајмс наведува дека и покрај противењето на Грција, и 17 годишниот спор, Македонија досега под уставното ја признале повеќе од 120 земји.

Пренесувајќи ја политичката атмосфера во Грција, УСА Тудеј пишува решавањето на спорот за името се наметнува како итна потреба во пресрет на самитот во Букурешт на кој треба да им се поделат покани на Македонија, Хрватска и Албанија.

DW.COM