1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Вацлав Хавел во улога на режисер

Што прават светските лидери, кога еднаш ќе им кажат збогум на бодигардите и државничките палати? Некои почнуваат да пишуваат мемоари, други ја откриваат вносната професија на предавачи. Но не и Вацлав Хавел...

default

Вацлав Хавел на сетот од неговиот дебитантски филм „Заминување“

Поранешниот чешки претседател Вацлав Хавел се фрли во водите на филмот. Во моментов го режира својот прв игран филм со наслов „Заминување“. Филмот говори за што друго ако не за еден политичар кој се обидува да се прилагоди на новиот живот по напуштањето на политиката.

Во вилата во местотo Чешка Скалица, на североистокот на земјата, поранешниот претседател си го исполнува својот животен сон. Тој неколку недели ќе седи на режисерското столче, а во својот прв филм, како што вели, на некој начин ќе има повеќе моќ како режисер отколку што имал како претседател: „Бев изненаден како се’ тече брзо и лесно.

Tschechien Vaclav Havel dreht Film in Skalice

Поранешниот чешки претседател во поинаква улога

Кога ќе имам некаква идеја, ќе му ја соопштам на асистентот и наредниот ден ја снимаме саканата сцена. Така сигурно не беше додека бев претседател.“

Од семејство на филмски работници

Филмот на прв поглед има многу сличности со животот на Хавел. Тој порекнува дека приказната е строго автобиографска и нагласува дека се поигрувал со идејата да сними филм уште во 70-те години. Тој ја напиша и главната женска улога, за својата сопруга Дагмар Хавлова: „Огромна чест ми е што сум дел од тимот, но морам да нагласам дека Вацлав ја напиша улогата за мене, а не околу мене.“

Професионалната биографија на Вацлав Хавел е импресивна- антикомунистички дисидент, револуционер и се разбира претседател на Чешка повеќе од една деценија. Но сега со 73 години, тој покажува и една поинаква страна: „Режирањето е многу необично искуство, нешто што долго сакав да го направам, впрочем целиот мој живот. Потекнувам од семејство на филмски творци. Мојот вујко практично ја основа чешката кинематографска индустрија, мојот дедо го изгради првото кино во Прага.

Tschechien Vaclav Havel dreht Film in Skalice Pressekonferenz

Хавел со членови на екипата на филмот

Отсекогаш сакав да бидам филмски режисер, но политичките околности во педесетите и шеесетите години беа такви што не можев да посетувам школа за филмска уметност. Но затоа го работам тоа сега, на стари години, на самиот крај на мојата кариера“, вели Хавел.

Паметен и духовит режисер

Господинот Вацлав Хaвел се занимавал со театар од педесетите години на минатиот век, и повеќето негови пријатели од тоа време сега работата заедно на снимањето на „Заминување“. Меѓу нив е и познатата чешка актерка Ева Холубова: „Вацлав Хавел за мене не е само претседател. Тој за мене е Вацлав Хавел, а сега и Хавел режисерот. Тој е многу паметен и духовит режисер и никогаш не се плаши, никогаш. Снимањето на филмот ќе биде завршено до крајот на август. А премиерата со нетрпение ја исчекуваат почитувачите на делото на Хавел, но и многумина љубители на филмот.

Автор: Роб Камерон/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска