1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Варшава – етапа на патот до договор за климата

Никој не очекува пробив на конференцијата на ОН за климата во Варшава. Но, самитот е една станица на патот за еден глобален договор за климата. И други теми нудат материјал за тешки преговори.

„Загуби и штети“ - со овој израз преговарачите означуваат тема која ќе има значајна улога на конференцијата за клима. Изразот ги означува штетите кои настануваат со промената на климата, а кои не можат да бидат спречени.

„Не можат да се избегнат штетите кои се последица на промената на климата и екстремните временски случувања, како што се сушите или, пак, бурите“, вели Томас Хирш, комесар за развојни политики на хуманитарната организација „Леб за светот“. Тој додава дека „не може да се спречи ниту уништувањето на малите корални острови“. Како пример ги наведува островите Картерет, кои се дел од Папуа Нова Гвинеја и се наоѓаат во Јужниот Пацифик. „Островите во последните 25 години загубија околу 60 проценти од површината. Некои острови се распаднати на средина“, објаснува Хирш за Дојче веле. Околу 3.000 жители на островите со години бараат од владата помош за преселување. Но, како што вели Хирш, „ова преселување не се случува, бидејќи владата не знае каде да ги носи луѓето, а исто така ниту како треба тоа да се финансира“.

Кој да плати?

NASA Bild der Carteret Inseln

Многу вода, малку земја - островите Картерет во Јужниот Пацифик

Кој и како да плати за ваквите штети - тоа е во центарот на дебатата за „загубите и штетите“. Темата ќе биде на дневен ред на конференцијата во Полска, која се одржува од денеска до 22.11.2013 година, бидејќи минатата година на климатската конференција во Доха беше одлучено во Варшава да се воспостави меѓународен механизам кој ќе се занимава со овие штети и загуби.

Индустриските земји, а пред се’ САД, сакаат да избегнат да влезат во обврзувачки договор за одговорност за штетите, кои во моментов и не можат да се пресметаат колкави се. Томас Хирш вели дека конференцијата е значајна за најсиромашните и најмалку развиени земји, кои според него „пристигнуваат во Варшава со јасна девиза - или ќе направиме исчекор во оваа област или, пак, ќе заминеме од конференцијата“.

Маратоноска трка

Глобалниот договор за климата, кој треба да стапи на сила во 2020 година, треба да биде уште една тема на конференцијата во Варшава. Тој договор треба да се потпише за време на самитот во Париз во 2015 година. Дотогаш да се успови временска рамка за преговорите - тоа го бара Кристоф Балс, политички менаџер на организацијата „Џерманвоч“. Таква цел има и германската раководителка на преговорите Никол Вилке, која доаѓа од германското Министерство за животна средина. Таа го споредува патот до меѓународен договор за климата со трчање маратон. Според Вилке, конференцијата во Полска може да биде пресвртница.

Christoph Bals Germanwatch

Кристоф Балс

Дали за време на климатската конференција во Варшава може да се постави временска рамка за натамошниот пат кон договор - тоа се става под знак прашалник. Кристоф Балс смета дека „ЕУ би морала да одигра улога на предводник“, бидејќи таа е домаќин на овој, но и на самитот што ќе се одржи по две години во Париз. Но, според него ЕУ е така „катастрофално поставена“, што оваа улога не може да ја исполни.

А, домаќин на конференцијата е земјата која во ЕУ секогаш го спречуваше договорот за намалување на издувните гасови. Но, закана за блокада на конференцијата сега доаѓа од друга страна - Русија, Белорусија и Украина на подготвителните состаноци протестираа за начинот на кој била завршена конференцијата во Доха, бидејќи претседавачот со неа ги игнорирал нивните забелешки. Конференцијата во Варшава мора да се справи и со тоа, пред да се оди чекор напред.