1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Варуфакис: На Германија ѝ е потребна искрена дебата

Грците скапо го платија тоа што беа подзаспани во лажно чувство на сигурност, пишува за ДВ поранешниот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис. Германците, вели тој, денес живеат во истата илузија.

Самозадоволноста е најголемиот непријател на една земја. Моите сонародници, едно време, беа подзаспани во лажното чувство дека „успеаја“. Се плашам дека и мнозинството Германци чувствуваат дека на нивната земја „ѝ оди добро“.

Тоа што кампањата за сојузните избори е толку апатична е рефлексија на лажното чувство на сигурност генерирано од трите германски суфицити: компаниите штедат, домаќинствата штедат, а франкфуртските банки се преполни со пари кои им пристигнуваат од другите европски земји, а дури и буџетот на сојузната влада е во плус. Но, овие суфицити се знак на слабост, а не на сила. Тие се предвесници за значителни актуелни и идни тешкотии за повеќето Германци - сега и во иднина.

Размислете накусо: актуелниот суфицит од речиси 10 проценти од националниот доход значи дека заштедите од земјата мора да се испратат во странство за да бидат инвестирани во земјите со дефицит. Дали е ова разумно да се прави, особено што германскиот капитал во странство креира меури кои мора да се распрснат (како што се случи во Шпанија и Грција)?

Дополнително, колку е паметно да се потпираме на прилив на пари во франкфуртските банки за да се покрие нивната инсолвентност, особено што вистинско цунами од странски пари ја преплавува Германија затоа што нивните француски и италијански сопственици ја губат довербата во економијата на сопствените земји? Конечно, колку е рационално тоа што сојузното Министерство за финансии го прославува буџетскиот суфицит кој се должи на негативните кампати, кои пак: (а) ги уништуваат германските пензиски фондови и (б) ги тераат дури и славните швапски домаќинки да ја губат довербата во германскиот политички естаблишмент?

Фрагментација на заштитата

На Германија ѝ е потребна искрена дебата меѓу нејзините граѓани за начинот како да се справи со суфицитите кои претставуваа закана за германското општество, исто како што и на Грција и беше потребна слична дебата, пред извесно време, за заканата од нашите дефицити. Најпосле, за секој суфицит некаде во монетарната унија се јавува дефицит. Тоа што политичкиот естаблишмент ја прославува оваа нерамнотежа како знак на економско здравје, само затоа што Германија е благословена со суфицит, е замена на тези со која на германската јавност изворот на проблемот ѝ се претставува како доказ за успех.

Доколку погледнете во историјата, Германија израсна во светски пример како резулат на социјалните договори кои на работничката класа ѝ нудеа силна заштита (и места во бордот на големите компании) во замена за флексибилно, законски ограничено, либерално опкружување, во кое бизнисот можеше да функционира. Но, тоа беше можно само додека САД ја менаџираа макроекономската сфера од името на Европа и Германија. Но, од кризата во 2008 година, Америка не може веќе да ја извршува оваа улога, а германската работничка класа, од година во година, од ден на ден, ја чувствува фрагментацијата на заштитниот штит. Сега останува на Германија и на остатокот од Европа да конструираат рационален механизам за рециклирање во рамките на Европа на нашите суфицити и дефицити. Доколку не успееме, Европа нема да успее, Германија нема да успее, а цивилизацијата ќе биде доведена во опасност.
Според актуелната предизборна дебата, ниту една од партиите во владата не е ниту заинтересирана да ја отвори оваа дебата. За среќа, постојат многу мудри членови на актуелните партии кои го разбираат значењето на оваа реориентација на германската политика. Германските членови на ДиЕМ25, нашето Движење за демократија во Европа, работат постојано за да ги обединат овие политички актери во ново политичко движење кое на агендата ќе го постави ова централно прашање. Тоа ѝ е потребно на Германија. Тоа ѝ е потребно на Европа.

Јанис Варуфакис е професор по економија на Универзитетот во Атина и ко-основач на групата ДиЕМ25. Беше грчки министер за финансии и член на партијата Сириза од јануари до јули 2015 година, предводејќи ги преговорите на неговата земја со ЕУ за време на грчката должничка криза.