1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Вардар ја одбрани титулата

Фудбалерите на Вардар го освоија фудбалското првенство на Македонија. Последниот натпревар во Скопје, кој беше директна пресметка за титулата меѓу Вардар и Хоризонт Турново, заврши со уверливи 5:0 за „црвено-црните“.

Рамо до рамо актуелниот првак и претендентот од најфудбалското село во Македонија влегоа во исклучително интересната завршница на фудбалскиот шампиопнат. Вардар со моќни 5:0 му го зададе последниот удар на мотивираниот конкурент од Турново. Благоја Милевски (на фотографијата), тренерот на Вардар, со разбирлива доза на еуфоричност по мечот, во интервјуто за Дојче веле вели:

„Одново докажавме зошто Вардар е најдобар, зошто е најголем фудбалски бренд во Македонија, зошто е шампион. Со ова моите фудбалери ги отфрлија сите сомнежи и оспорувања за нивниот квалитет“.

Крајно турбулентен беше тренерскиот пат на Милевски во дебитантската сезона на кормилото на Врадар. Во зимскиот преоден рок, иако на лидерската позиција, неочекувано за фудбалската јавност беше сменет, за одново да се врати на клупата со резултати и за лична сатисфакција:

„Се вратив точно пред 47 дена. Бев заменет во зимската пауза во моментите кога водевме во првенството со 3 бода предност пред Турново и 7 бодови повеќе од Металург. Тренерската палка одново ми беше доделена на 8 кола пред крајот, кога Вардар падна дури на третата позиција. Знаев дека ќе биде исклучително тешко да се врати самодовербата кај играчите, но го прифатив ризикот уверен дека ќе завршиме први. Кога во претпоследното коло непоразени го завршивме дербито со Металург, бев сигурен во конечниот успех. Оваа титула во целост им припаѓа на играчите, тие ја исковаа. Добро, имам и јас мал удел!“

Силата на Вардар во карактерот на екипата

Која беше силата на Вардар во успешната одбрана на титулата? Милевски оценува:

„Пред се‘ во карактерот на играчите и во нивниот победнички менталитет. Јас ги познавам добро, тоа го носат во себе и никогаш не се посомневав во нивните можности. Тоа е селекција која е градена во подолг период. Сите беа свесни за одговорноста која ја имаат како првотимци на Вардар.Тука бевме посилни од нашите конкуренти.“

UEFA Champions League Logo

Претстојат квалификации за Лигата на шампиони

Вардар одново зачекори во Европа, го очекуваат квалификациите за Лигата на шампионите. Милевски и во моментите на радост е цврсто на земја:

„Денеска ќе ја прославиме титулата! Зад нас останува една убава етапа, но јас сум реален човек. За поквалитетен и подостоен настап на Вардар во Европа многу работи треба да се случат. Се надевам дека уште од утре ќе почнеме да работиме на проектот Лига на шампионите и на нашето ново претставување на меѓународната сцена.“

Настапот на Хоризонт Турново за почит

Како Милевски гледа на штотуку завршениот фудбалски шампионат на Македонија. Какви се неговите првични импресии?

„За мене остварувањето на Хоризонт Турново е за почит. Имаше константност во играта на овој тим во текот на целото првенство и тоа никој не може да го оспори. Тоа е одраз на висок квалитет. Генерално гледано, за прикажаниот фудбал мислам дека има позитивен исчекор во однос на претходното. Тоа е пред се‘ резултат на поголемиот број фудбалери кои дојдоа од странски клубови. Тие го подигнаа квалитетот на повисоко рамниште. Впрочем и трката за титулата стана многу поинтересна и понеизвесна“, оценува за Дојче веле Благоја Милевски, тренерот на Вардар.

Претставници на Македонија во наредната сезона во Европа ќе бидат Вардар во квалификациите на Лигата на шампионите и Металург, Хоризонт Турново и Тетекс во Лигата на Европа. Најдобар стрелец во првенството е голгетерот на Вардар Јован Костовски со 22 постигнати голови.