1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Вардар е алармантно загаден

Состојбата со реката Вардар со години e алармантна и непроменета, нема постојан мониторинг, во градовите нема прoчистителни станици, a во фабриките-загадувачи ги има, но не функционираат.

Песната „Ој Вардаре македонски, ти ја красиш Македонија“ одамна е невистинита, затоа што водите на најголемата и најдолга македонска река веќе неколку децении се алармантно загадени. Вардар последниве педесетина години е пример на човечката негрижа.

Нема постојан мониторинг, ниту прoчистителни станици

ЈЗУ Завод за јавно здравје од Велес, како и останатите вакви јавни здраствени установи во Македонија, кои повремено, еднаш  месечно, земаат води за анализа, повеќе од триесет години наназад констатираат дека Вардар e бактериолошки во 4 класа, а физичко-хемиски во 4 и 5 класа.

Д-р Вера Ристова, специјалист по хигиена од ЈЗУ Завод за јавно здравје Велес, од неодамна во пензија, а која со години вршеше вакви испитувања, за ДВ објаснува:

„Вардар по целото негово течение, како влегува од Скопје во Велес, така и излегува, односно според бактериолошките анализи е во четврта класа, поради што е забранет за капење, наводнување и напојување на стоката. И по физичко-хемискиот состав, според сите испитани параметри, е во 4 и 5 класа, и тоа според матност, суспендирани материи, нитрати, нитрити и органски материи“, предупредува д-р Ристова.

Состојбата со квалитетот на реката Вардар исто така повремено, десет до дванаесет пати годишно, на шест мониторинг места долж реката, се следи и од страна на УХМР, односно  Управата за Хидрометеоролошки работи, која има исти констатaции за квалитетот на водата на Вардар.

Реката Вардар нема континуиран мониторинг, а што е посебно алармантно - нема ни прoчистителни станици во градовите долж течението. Стручњаците по екологија предупредуваат дека фабриките, кои се и најголеми загадувачи и кои согласно Законот за води  мораат да имаат прoчистителна станица, или немаат, или иако ги имаат, тие не функционират како што треба.

Одделни стручњаци, самоиницијативно или преку одредени проекти повремено го испитувале Вардар. Професор д-р Светислав Крстиќ од Институтот за биологија при ПМФ од Скопје, пред десетина години направи комплетни истражувања на Вардар во реонот на Велес. Тој за ДВ вели:

„Констатацијата дека состојбата на водите на Вардар е алармантно катастрофална важи и денеска, иако за разлика од пред десетина години, во водите ги нема дел од тешките метали, како железо, манган, жива, што е резултат не на прoчистување на водата, туку на затворањето на скопски Охис и велешка Топилница“.

Крстиќ уште потенцира:

„Меѓу другите фабрики загадувачи, еко-атак по Вардар и неговиот жив свет се и испусните непрeчистени води од Фабриката за масло и тоа со тешко разградливи органски, мрсни материи. Поради тоа, на овој дел од Вардар кај Велес често се случуваат интензивни помори на рибата и рибниот подмладок“.

Министерството за животна средина и просторно планирање има зацртано повеќе проекти за прочистување

Во писмениот допис од Министерството за животна средина, на оваа тема, се најавува проект за рејата Вардар:

„Со помош на ЕК, ќе започне Проект за реката Вардар преку шестгодишна планска рамка, насочена кон подобрување на состојбите на водотеците, што ќе значи и поквалитетна вода за пиење, капење, риболов, туризам и за самиот биотоп во неа. Донесување на Методологија за цена на водата, ќе овозможи воведување на систем на одржливост и функционалност на јавните претпријатија“, се вели во дописот испратен на барање на ДВ и се додава:

„Се планира и идентификација на агломерации и утврдување на сензитивни подрачја, како предуслов за изготвување на План за управување со отпадните води во Р. Македонија. Изготвена е методологија за приоритетни локации каде ќе бидат поставени Прoчистителни станици со помош на ИПА средства, a во донесување на овие програмски активност неопходна ќе биде и комуникација и соработка меѓу сите владини и невладини институции. Со финансиска помош на швајцарската  Влада, а согласно Законот за води,  започнат е проект за поставување на Прoчистителна станица на Вардар кај Гевгелија, а за негова реализација средства издвоија и Владата на Р. Македонија и Р. Грција“, се вели во писмениот допис од надлежното министерство.