1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Валеса: Да ја изградиме државата Европа

На Европа ѝ треба повеќе солидарност, таа треба да прерасне во федерација, вели Нобеловецот за мир и полски екс-претседател, Лех Валеса во интервју за Дојче веле. Денеска (29.09.2013) тој слави 70-роденден.

ДВ: Многу земји од источна и јужна Европа ѝ завидуваат на Полска за демократската промена и економските напредоци во последните две децении, кон кои Вие значително придонесовте. Но, сепак илјадници Полјаци неодамна излегоа на протести против политиката на премиерот Доналд Туск. Моментно според анкетите на јавното мислење води конзервативниот политичар Јарослав Качински. Што се случува со Полска?

Лех Валеса: Прво, ние немавме 100 години за развој на демократијата и моравме максимално да завбрзуваме за да го стигнеме Западот. При вакво забрзување, се собираат многу нешта. Второ, што се сто илјади наспроти 40 милиони? Ако во некоја друга држава, па и во богатите, ги собереме незадоволните, сигурен сум дека протестите би имале уште поголеми размери. Трето, нашата демократија се докажа. Навистина, имаше протести, но тие беа секогаш мирни. Беа собирани потписи и сметката за незадоволството на граѓаните ќе биде платена на следните избори. Значи, Полска го положи испитот на демократијата и може да служи за пример за односот кон незадоволството.

ДВ: Во интервју за „Ди цајт“ ја искажавте желбата Германците да бидат уште похрабри и да извршат поголемо влијание врз развојот и планирањето во Европа. Но, поради нивниот ангажман во кризата, тие станаа неомилени во Европа. Ангела Меркел на пример во грчките медиуми ја прикажуваа во СС-униформа. Како ја оценувате германската европска политика?

Лех Валеса: Отсекогаш било така, се удирало врз политичките водачи. Германија е сила и тоа во секоја област. Германците преземаат одговорност и при справувањето со кризи и развиваат визии за иднината. Така треба и да продолжат. Во време кога ги укинуваме границите, се работи за значењето на европското, не за нешто германско или полско, се работи за Европа. Не треба да размислуваме веќе во категории на државните граници. Постојат многу нови, современи теми како информации, екологија, кризи, банкарски кризи. Не се работи притоа за една банка, туку за одговорно работење на банките воопшто. Потоа, тука е и прашањето со парите - Германија ги има, други не. Во Европа на пример е потребна добра сообраќајна инфраструктура, исто и во Албанија. Таму и на други места недостигаат пари за тоа, значи, Германија мора да презема и да ги добие своите пари назад во рок од 50 години. Парите не семат да се чуваат во чорапи.

DW Interview mit Lech Wałęsa

Лех Валеса во разговор со новинарите на Дојче веле, Барбара Келен и Бартош Дудек

ДВ: Во врска со Германија, и денес, по речиси 70 години по крајот на Втората светска војна, присутни се многу стереотипи и предрасуди. Дали тие нема да зајакнат ако Германија започне насекаде да гради автопатишта?

Лех Валеса: Ама не. Предуслов за европската интеграција е благосостојбата во Европа. Ние можеме да ги избегнуваме конфликтите само ако на пример насекаде градиме автопатишта, зашто со тоа состојбата насекаде ќе се подобри. Постојат редица задачи, на пример комуникациските мрежи. Државите кои имаат пари треба да ги стават на располагање на посиромашните, кои пополека ќе им ги отплаќаат. Тоа е добра зделка за сите инволвирани. Оваа генерација треба да започне да ја гради државата Европа, но притоа мора да постапува многу претпазливо.

ДВ: Како точно треба да се постапува?

Лех Валеса: Никој тоа не го знае точно. За да се постигне тоа, потребни ни се поголеми европски структури. Делбите и границите спаѓаат во минатото. При сите нашите активности, ние сѐ уште сме под влијание на војните и сеќавањата. Но, полека се оддалечуваме од нив. Тој процес е макотрпен, но веќе далеку одминавме во него. Важно е да градиме обединета Европа и заеднички вредности, кои моментно се разликуваат од земја до земја. Би требало да креираме еден вид каталог на вредности, еден вид Декалог со десет заповеди, создаден заеднички од верниците од сите религии и атеистите. Развојот на идната Европа треба да се потпира врз оваа основа.

ДВ: Денеска славите 70-те роденден. Вие во голема мера придонесовте кон падот на комунизмот. Денес сѐ уште постојат многу диктатури, кои ги прогонуваат своите граѓани, ги убиваат. Кој е Вашиот рецепт, како може да се победи една диктатура?

Лех Валеса: Мојот рецепт се вика - солидарност. Се разбира, оваа солидарност од земја до земја ќе биде различна. Посебно важно е да се охрабрат САД, единствената преостаната суперсила, во поставувањето на светот на нови основи, секаде каде постои антисемитизам, расизам, етнички чистења или хемиско оружје, веднаш да се делува за решавање на проблемите.

Квалификуваниот електричар Лех Валеса во 1980-та година во Гдањск стана водач на Солидарност, првиот слободен синдикат во Источниот блок . Во 1983. година тој ја доби Нобеловата награда за мир. На првите слободни избори во неговата татковина по падот на комунизмот, Полјаците во 1990. година го избраа за претседател на државата.