1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Вака функционира повеќејазичноста во Македонија

Десет години по Охридскиот договор, каков модел на локална јазична политика и` е потребен на Македонија? Примерите од Куманово, Долнени и Гостивар ги покажуваат предностите, но и слабостите на повеќејазичноста.

default

Според поставениот праг на учество од 20 проценти во структурата на месното население, согласно со законот за употреба на јазиците, како дел од Охридскиот рамковен договор, во 27 општини во земјата албанскиот се користи како службен јазик. Во 4 општини како таков се употребува турскиот јазик, а во по една општина и српскиот и ромскиот јазик.

„Етнификација на политиката“

Јове Кекеновски, експерт за локална самоуправа од државниот универзитет во Битола, коментира дека со најновите измени во законот за јазиците може да се очекува зголемување на бројот на повеќејазични општини, во кои ќе се користат јазици на етникумите, кои во односната единица на локална самоуправа учествуваат и со помалку од 20 проценти во демографската структура:

„Тоа го дозволува законот за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на Република Македонија и во единиците на локална самоуправа, за кој што неодамна се крена повеќе тензија во Парламентот“, вели Кекеновски и додава:

Prozess John Demjanjuk Dienstag 01.12.2009

Големи трошоци само за превод на материјалите

„Секој ја потенцира својата етничка припадност, значи на некој начин, имаме етнификација на политиката. Оттука доаѓаат проблемите. Ако сите го зборуваме само својот јазик и сакаме да се обраќаме само на него, тогаш не сме направиле ништо! Тоа веќе не води кон зближување, туку, на некој начин, кон одалечување. Треба да го учиме јазикот на нашите соседи, а во средина каде што имате 4, 5 различни етнички заедници, што би значело тоа? Знаете ли колкави се тие трошоци, кои ќе мора една единица на локална самоуправа да ги направи, за да му го преведе материјалот согласно со законот на секој припадник на етничка заедница?“

Како функционира повеќејазичноста покажува и примерот од три карактеристични општини: Куманово, каде албанскиот, српскиот и ромскиот се официјални јазици; Долнени, со албанскиот, турскиот и бошњачкиот како службени јазици и Гостивар со aлбанскиот и турскиот јазик како такви. Се разбира, покрај напоредната употреба на македонскиот јазик, како единствено официјален на целата територија на државата.

„Сакаме да заштедиме малку пари...“

Градоначалникот на Долнени Абдула Бајрамоски истакнува:

„Сакајќи да заштедиме малку пари, ние досега само албанскиот јазик го имаме применето како втор службен јазик. Но, за да бидеме еднакви и кон другите етнички заедници, имаме поставено влезни и излезни табли низ општината покрај на македонски, англиски и албански јазик уште и на турски и бошњачки јазик.“

Турската етничка заедница е застапена со десетина проценти во популацијата во општина Гостивар, но нејзиниот јазик бил воведен во службена употреба во локалната администрација уште во 2006 година. Советникот од турскиот етникум во Советот на Гостивар Менсур Матјан појаснува зошто повремено говорењата на советниците-Турци се на македонски, или на албански јазик, а не и на турски:

„Овој нов состав на Советот на Гостивар порано донесената одлука само ја примени во пракса, но, ние, Турците, од ова немаме некоја голема полза, материјалите се` уште ги добиваме на македонски и албански јазик, а не и на турски. Се` уште нема преведувач. Затоа и говориме на седниците на Советот било на македонски, било на албански јазик. Ние, Турците, се чувствуваме и натаму како граѓани од втор ред. Охридскиот рамковен договор не треба да се гледа низ призмата на бројките, туку тој е и нешто повеќе од тоа.“

Во Куманово „широк“ модел на повеќејазичност заради меѓуетничко разбирање

Mazedonien - Land und Leute

Охридскиот рамковен договор да не се гледа низ призмата на бројките

Во Куманово, со повеќе од сто илјади жители најголемата општина во државата, Србите ги има нецели 9 проценти, а Ромите само 4 отсто во структурата на населението. Но, сепак, покрај јазикот на албанскиот етникум, застапен со 26 отсто, како службени се прогласени и српскиот и ромскиот јазик.

Градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски посочува:

„Во Советот на Куманово се зборува на 4 јазици. Печатите, материјалите за седниците и сите други документи се на македонски и албански јазик. Без отстранување на тие тензии и ’застојни точки’ во политичкото живеење не е можно да се гради напредно општество и затоа ние го одбравме ова решение, отворајќи ги ширум вратите за меѓуетничко разбирање и толеранција.“

Во последниве неколку години во албанската јавност во земјата можат да се чујат одредени критички тонови во врска со обемот на службената употреба на албанскиот во општина Долнени.

Градоначалникот Бајрамоски е категоричен за сегашната состојба:

„Нивниот јазик се употребува како втор службен во општината. Сите документи кои се издаваат во општина Долнени се двојазични. Нивните права како етничка заедница во оваа општина се целосно исполнети и јас мислам дека се тие задоволни од тоа.“

Првиот човек на Куманово Дамјановски се надоврзува:

„Повеќејазичноста е можеби побитно да ги задоволи националните емоции и страсти на определени етникуми, повеќе како признание за етничка припадност на поголем процент во определена средина, отколку што влијае директно врз работата и ефикасноста на општината. На некој начин тоа ја смирува етничката тензија.“

Професорот Кекеновски сумира:

„Ако продолжи овој тренд секој посебно да си го промовира, да го истакнува својот јазик и својата етничка припадност, тоа ќе води повеќе кон дезинтеграција, наместо кон интеграција, како што е духот на Охридскиот договор. Целта на Рамковниот договор и на сите други закони, кои произлегуваат од него, е да се постигне зближување. Сега, наместо да ги зближуваме сите, да го разбираат и да го говорат македонскиот јазик, имаме ситуација да не можеме да се разбереме во Република Македонија.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Трајче Тосев