1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Важно е што има во главата, а не на неа“

На регионалните избори во Белгија првпат на една политичарка со шамија на главата и‘ успеа да влезе во парламентот. Од крајот на јуни, Махинур Ездемир со тоа е и првата жена-пратеник воопшто во ЕУ, со муслимански симбол.

default

Махинур Ездемир со шамијата предизвика бурни дискусии

Таа е член на Христијанско-демократската партија, ЦДХ. Поради шамијата која ја носи, 26 годишната Ездемир предизвика жешка дебата - дали религиозните симболи треба воопшто да бидат дозволени во парламентот? Уште пред изборите имаше остри протести во форма на писма, погрдни и навредувачки фотомонтажи.

Првата парламентарка со шамија во рамките на ЕУ, а со 26 години и најмладата пратеничка во белгискиот парламент, за многу Европејки со покриена глава е пример и носител на надеж, за други таа е трн во окото, за што и самата е свесна:

„Во моментов, во Белгија се води дебата за забрана на носење шамија во училиштата и во јавната администрација. Од почетокот на мојот мандат, одржав многу предавања на оваа тема. Откако сум во парламентот, добивам писма со навреди, ми испраќаа писма за да ме заплашат и дури да ме наведат да се повлечам, ми велеа да се вратам од каде што сум дошла. Тоа беше најлошото за мене, таа нетолеранција која ја почувствував. Оној кој разговара со мене, забележува дека поседувам способности и идеи. Се обидоа да ме претстават како исламистка, иако не ме познаваат, а тоа за мене беше најлошото.“

Brüssel

Брисел

„Јас не се чувствувам како доселеник“

Махинур Ездемир, како дете на доселеници од трета генерација, е родена и израсната во Брисел. Нејзините родители во квартот Шаербек, кој има највисок процент турски жители во ЕУ, држат продавница за овошје и зеленчук. Во квартот, наречен уште и „мал Истанбул“, жителите се горди на својата, во меѓувреме, позната сосетка, раскажува Мустафа, кој помагал во изборната кампања:

„Ме радува нејзиниот успех, учествував и во изборната кампања, не сум многу изненаден, зашто таа навистина го заслужи изборот.“

И Гилер Ездемир, мајката на Махинур, е горда и нема разбирање за целата бркотница околу шамијата:

„Горда сум на својата ќерка. Ние ги воспитувавме своите деца да се вклопат во општеството, да се залагаат за сите, сеедно дали Турци, Белгијци или Мароканци. Сите дојдоа да ни‘ честитаат, сите беа толку радосни, зашто тоа беше неочекувано, поради целата полемика околу шамијата.“

Партијата се одбира според програмата

Инаку, Махинур Ездемир посетувала католичко училиште, по што завршила студии по управно право и политички науки на Слободниот универзитте во Брисел.

Нејзината политичка кариера започна во 2006 година, кога за првпат беше избрана во советот на заедницата, каде е активна и до денес. Невообичаено е што младата муслиманка во парламентот ја застапува Христијанско-демократска партија:

„Се одлучив за Христијанско-демократската партија бидејќи мнозинството од доселениците гласаше за Социјалистичката партија, поради тоа што таму кандидат беше еден Турчин. Јас немав никаков интерес за тоа, зашто моите дедо и баба веќе 40 години живеат во Белгија, јас сум родена овде и не се сметам за доселеник. За мене е поважно каква политичка програма нуди една партија. Ја избрав Христијанско-демократската зашто е партија на центарот, го застапува хуманизмот повеќе отколку кое било политичко струење лево, или десно. До одреден степен имам либерални ставови, но не сакам да се определувам лево, или десно.“

Mahinur Ozdemir

Махинур Ездемир има амбициозни цели

Не е важна само шамијата

Од нејзиниот избор во парламентот, странските медиуми едноставно ја опседнаа младата Белгијка, од јапонската телевизија до арапската Ал Џазира. Тоа малку ја нервира Махинур, зашто секогаш ја прашуваат околу шамијата. Не се работи за тоа што носи на главата, туку што има во неа, вели таа, а тука има и што да понуди: справувањето со невработеноста на младите за неа има најголем приоритет, но и мерките против гетоизацијата на одделни квартови. Најмладата парламентарка сака да се ангажира и во областа на екологијата и социјалата:

„Во моментов имам избрано три комисии, за планирање на градовите, екологија и се разбира социјалата, односно се‘ што е во врска со семејната политика. Тоа се комисии на регионално ниво.“

Махинур Ездемир сака да се ангажира и натаму и на комунално ниво, за подобро планирање на градот, таа добро ги познава проблемите на гетоизацијата од нејзиниот кварт. Во дискусите околу забраната на шамијата во бриселските училишта, таа е воздржана, зашто како политичарка со шамија ја согледува опасноста да биде ограничена само на оваа тема, а младата политичарка тоа не го сака во никој случај.

Автор: Улрике Хумел/ Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска