1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Вагнер по стоти пат

Рихард Вагнер, еден од најголемите германски композитори, пред 135 години иницираше фестивал во градот Бајројт, на кој се изведуваат неговите дела. Поради прекините во текот на војните, во тек е јубилејното 100 издание.

default

Рихард Вагнер - либерист, композитор и режисер, се` во една личност. Сакал да изгради опера, која ќе биде целосно во согласност со неговите претстави. Во април 1871 година, тој и неговата сопруга Козима го посетиле идиличното место Бајројт во покраината Баварија, земјата на неговата мецена, кралот Лудвиг. Вагнер бил толку воодушевен од гратчето, што одлучил токму тука да го оствари својот сон. Пет години подоцна, на 13. август 1876, завесата се подигна и со тоа беа отворени првите Бајројтски оперски свечености. Тогаш за првпат беше изведен во целина циклусот вагнерови опери „Прстенот на Нибелунзите.“

Првото издание на фестивалот беше финансиско фијаско и горко уметничко разочарување. „Деца, создадете нешто ново“, им порача Вагнер на своите современици. И тој самиот го следеше сопствениот совет, компонирајќи ја својата последна опера „Парсифал“, пред да почине во 1883 година во Венеција.

По неговата смрт со фестивалот раководеше неговата сопруга Козима. Режијата, сценографијата, изборот на пејачите и начинот на пеење - се` беше под нејзината палка. Козима на сопствен начин ја толкувала волјата на „маестрото.“ Декорацијата не смееше да се допре со децении, а секоја претстава во операта беше како ритуал, како да беше во прашање создавање нова религија.

Денес тоа е веќе минато, но и натаму постои група почитувачи на вагнеровите дела, вели сопранистката Евелин Херлициус.

„Луѓето, кои ја сакаат неговата музика, се идентификуваат со зградата на операта како да е нивна и затоа чувствуваат потреба на некој начин да учествуваат во нејзината работа, да бидат консултирани.“

Flash-Galerie 100. Bayreuther Festspiele - Eröffnung

Со фестивалот моментално раководат Катарина Вагнер и Ева Вагнер-Паскије

Уметниците и интелектуалците во кругот на Козима Вагнер беа приврзаници на националистистичката теорија, антисеметистички обоени. Зигфрид, единствениот син на Рихард и Козима Вагнер, беше успешен диригент и композитор. Тој го презеде раководењето со фестивалот, по повлекувањето на Козима во 1908 година. Зигфрид се осмели малку да ја промени режијата и го спаси фестивалот од пропаст во време на вртлогот на Првата светска војна. Во 1915 година се ожени со седумнаесетгодишната Англичанка Винифред Вилијамс.

Хитлер - редовен гостин

Козима Вагнер почина во 1930 година, а неколку месеци по неа умре и Зигфрид. Неговата вдовица Винифред беше фанатична обожавателка на Вагнер, но и на Адолф Хитлер. Десет години пред да дојде на власт, Хитлер го посети Бајројт и ја откри идеолошката близина со бајројтските кругови. Винифред, пак, ја посетуваше доживотната пријателка на Хитлер, со која беше „на ти“. Токму врските со Хитлер му овозможија на фестивалот во Бајројт да преживее. Во првите години откако дојде на власт, Хитлер беше редовен гостин на оперските свечености во чест на Вагнер.

Самата оперска зграда остана неоштетена од Втората светска војна. Ерата на „новиот Бајројт“ почна во 1951 година, под заедничко раководство на Виланда и Волфганг Вагнер. Во интервју за Дојче веле, Волфганг Вагнер говореше за предизвиците со кои беа соочени во тие моменти:

„Постоеја два проблема, пред се`, финансиите. Не треба да се заборави дека Рихард Вагнер беше банкрот уште во втората година од одржувањето на фестивалот. И како второ, моравме да ја пребродиме нетрпеливоста на Германците, без странците немаше да успееме во тоа, поради пријателството на мојата мајка со Хитлер.“

Flash-Galerie 100. Bayreuther Festspiele - Eröffnung

Бројни угледни гости на отворањето, меѓу другите и канцеларката Ангела Меркел со сопругот

Новата ренесанса на фестивалот

За уметничката страна се грижеше Виланд, поставувајќи ги вагнеровите дела на митолошко ниво, додека за организацискиот дел беше одговорен Волфганг. Бајројтскиот фестивал повторно привлече славни диригенти и пејачи. Виланд Вагнер неочекувано почина во 1966 година, по што сите обврски ги презема Волфганг, кој цели 42 години сам се грижеше за фестивалот. Тој се повлече дури во 2008 година и раководството со фестивалот им го препушти на двете ќерки Ева Вагнер-Паскије и Катарина. Волфганг почина во март минатата година.

Фестивалот Бајројт, со кого сега раководи четвратата генерација Вагнерови, медиумски се отвори и може да се следи преку подкасти, лајвстрим, а пред зградата операта претставите можат да се гледаат на голем екран. Фестивалот доби нова свежина, иако и натаму се прикажуваат претстави, поставени во времето на Волфганг Вагнер.

Автор: Рик Фулкер/Трајче Тосев

Редактор: Симе Недевски