1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Буџетскиот спор во САД влегува во драматично финале

Американскиот Конгрес има само уште неколку часа за да ја спречи т.н „фискална бездна“. Но, постигнување согласност не е на повидок. Претседателот Обама и натаму цврсто опстојува на зголемувањето на даноците за богатите.

Американските демократи и републиканци и покрај интензивните преговори не постигнаа се‘ уште компромис во спорот околу државниот буџет. Позициите на двете партии по важните прашања и натаму се оддалечени, изјави демократскиот сенатор Хери Рид. Доколку до Нова година не се постигне решение во Конгресот, од 1. јануари во сила стапуваат најголемите даночни зголемувања по Втората светска војна, како и кратења на државните издатоци.

На овој начин годишниот државен буџет ќе биде редуциран за повеќе од 500 милијарди долари. Експертите стравуваат дека доколку настапи т.н. „фискална бездна“, тоа ќе ги доведе САД, но и светската економија, во длабока рецесија.

Демократската партија на претседателот Обама бара воведување зголемени даноци за богатите, а републиканците се против. Тие предлагаат резови во издатоците, пред се‘ во пензиското и здравственото осигурување. 

Американскиот претседател во интервју за Ен-Би-Си ги обвини републиканците за нерешениот буџетски спор. Тие едноставно не сакаат да согледаат дека „даноците за богатите Американци треба малку да се покачат“, рече Обама. Тој бара поголеми давачки за оние со примања над 250 илјади долари годишно.

Републиканците пак, го обвинуваат Обама за слабости во раководењето и му ја префрлаат топката во одговорноста во спорот.