1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Буџетска драма на самитот на ЕУ

Маратонска дебата го одбележа самитот на ЕУ на кој се расправаше за буџетот во следните седум години. Британија успеа да добие „попуст“ на своето учество. Договорени се дополнителни фондови за борба против невработеноста

„Ова е важен чекор за планирањето на нашите трошоци, за шансите за раст и за можноста да сториме нешто“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел во Брисел по осумчасовната дискусија на лидерскиот Самит на ЕУ. Иако претседателот на Советот, Херман Ван Ромпој подоцна рече дека била постигната целосна согласност за буџетот кој во следните седум години ќе тежи 960 милијарди евра, неговото усвојување беше во опасност од блокада поради противењето на Велика Британија.

Британскиот премиер Дејвид Камерон бараше неговата земја да има помал придонес во буџетот. Британија уште од 1984 година има помало учество во буџетот на ЕУ поради тоа што добива и помали средства од земјоделските субвенции. На крајот беше постигнат нов договор со Лондон, според кој земјата ќе плаќа по 3,6 милијарди евра годишно во заедничката каса, што е дополнително намалување од 200 милиони евра од претходно договорените.

Најголем донатор во заедничката каса останува Германија, која годишно до 2020. година ќе исплаќа по 9 милијарди евра, додека најголем дел од колачот ќе добива Полска која си обезбеди 11 милијарди евра годишно.

Со седумгодишниот буџетски план кој треба да биде одобрен и од парламентот, лидерите на ЕУ ги договорија и идните мерки за спасување на банките и справување со економските проблеми. Во суштина тој е прв буџетски план во историјата на Унијата во кој се намалуваат трошоците во 28-члената зона.

Повеќе пари за проблемот со невработеноста

Поради долгата дебата околу учеството на државите во буџетското фундирање, во втор план падна она што требаше да биде главна тема на самитот - мерките за вработување на младите луѓе во земјите од ЕУ. Невработеноста е на рекордно ниво од 11 проценти на ниво на ЕУ, додека најпогодени се младите

Symbolbild Europa Arbeitslosigkeit Jugendliche

Невработеноста меѓу младите во некои земји на ЕУ надминува 50 проценти

луѓе до 25 години, меѓу кои секој четврти е невработен. Тој процент во земји како Шпанија и Грција надминува 50 отсто.

На самитот е договорено да се поттикне вработувањето на младите со околу 6 милијарди евра годишно. Дополнително ќе бидат одобрени и специјални кредити за поттикнување на вработувањата.

Ван Ромпој ваквата одлука ја оцени како прв чекор во битката со невработеноста.

„Рекордната невработеност нема да се реши преку ноќ“, рече тој, ветувајќи дека во следните години ќе бидат ставени на располагање и дополнителни средства.

„Невработеноста кај младите мора да се намали затоа што тие не можат да бидат виновни за проблемите кои се случуваат последните години“, смета Меркел.

Но не беа сите задоволни од одлуката. Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц одлуката ја смета за неизбалансирана.

„Ние потрошивме 700 милијарди евра за спасување на банките, а сега, по многу двоумење, даваме 6 милијарди евра за борба против невработеноста“, рече Шулц.

Холандскиот премиер Марк Руте порача дека „без разлика колку пари се пумпаат во системот, ништо нема да се смени додека некои земји не го реформираат својот пазар на трудот“.