1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Буџетот за 2013 „стенка“ под амандмански товар

Опозиционерите тврдат дека во амандманите се содржани суштински забелешки на предложениот буџет, пратениците од мнозинството тврдат дека се работи за тактика на блокада. Што ако Буџетот не се донесе во предвидениот рок?

На Собранието му остануваат уште 26 дена рок да го донесе буџетот за идната година. Ако не биде изгласан до 31 декември, кога истекува законски предвидениот термин, прв пат во дводецениската самостојност Македонија ќе ја примени можноста за времено финансирање. Донесувањето на буџетот го отежнува големиот број амандмани поднесени од опозицијата - повеќе од илјада. Опозиционерите тврдат дека станува збор за суштински забелешки.

Спорно е трошењето за реклами и мебел

Буџетот за наредната година е неразвоен, со многу непродуктивни трошоци, тврдат подносителите на најголем број амандмани - Марјанчо Николов од СДСМ и Изет Зекири од НДП. Во изјавите за Дојче Веле објаснуваат:

„Најспорни се оние трошоци кои постојано ги зборуваме, за реклами, за мебел, за возила, за Скопје 2014... Тие трошоци во услови на ваква криза, која и самата Влада ја признава и ја користи како оправдување за неуспешните политики, не е прифатливо“, критикува Николов.

Зекири објаснува: „Моите амандмани произлегуваат од реалните потреби на граѓаните, значи направена е детална анализа на потребите и врз основа на тоа имам поднесено амандмани. Барам принципиелна и праведна распределба на средствата не се согласувам со овој Буџет ние да ги платиме долговите за Скопје 2014“, вели Зекири.   

Опструкција на законите, изигрување на избирачите

Пратениците од власта сметаат дека станува збор за тактички потег на опозицијата како обид да се оневозможи навремено донесување на Буџетот. Александар Николовски од ВМРО ДПМНЕ вели: 

„Ова претставува најдиректна опструкција на донесување на закон во Собранието, изигрување на волјата на граѓаните што ја изразуваат на избори и дерогирање на институциите на системот.“

Слично размислува и пратеничката од владејачката Социјалистичка партија, Владанка Авировиќ:

„Едноставно треба расправата да биде кратка, амандманот јасно презентиран и да не се отвора повторно дебата и општа расправа, но тоа се злоупотребува и постои ризик со вакво темпо буџетот да не го донесеме до крајот на годината“, вели Авировиќ. 

Државата ќе се финансира со времена мерка?

Заменик министерот за финансии Недим Рамизи се надева оти пратениците и покрај различните ставови во однос на трошењето на народните пари за наредната година сепак ќе го изгласаат буџетот во предвидениот рок. Рамизи за Дојче Веле објаснува каква е алтернативата ако земјата остане без Буџет за идната година.

Gebäude der Ministerien für Finanzen Soziales und Kommunale Selbstverwaltung

„Се надеваме дека ќе преовлада разум кај пратениците за побрзо да завршиме. Ако испадне другото сценарио, Министерството за финансии донесува одлука за времено финансирање, со една третина од сумата. Ако и во тој период не биде донесен Буџетот, тогаш времена одлука треба да донесе Собранието“, изјави Рамизи.

Оваа година се поднесени рекорден број амандмани. Во изминатите години за Буџетот имаше неколку стотици амадмани. Во Буџетот за 2013 е предвиден раст на брутодомашниот производ од 2 процента.