Буш ја изговори најстрашната реченица | Свет | DW | 18.10.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Буш ја изговори најстрашната реченица

Коментар на Петер Филип

default

До каде има намера да оди?

Соединетите Американски Држави по секоја цена сакаат да спречат Иран да стане атомска сила. Се уште никој не знае кој е степенот на развој во атомската програма во оваа земја, но само можноста Иран набргу да располага со атомско оружје, во Вашингтон предизвикува тревога. Американскиот претседател Џорџ Буш сега со драстични зборови одново предупреди на фактот дека Иран не смее да стане атомска сила.

Нема ниту цели пет години откако претседателот Буш се обиде да си обезбеди сопствено место во историјата кога најави дека на Блискиот исток треба да се повтори она што на сојузниците под американско водство им успеа во Европа во Втората светска војна. Имено, со соборувањето на диктаторот Садам Хусеин, во Ирак, а потоа и во целиот регион, да го отвори патот за демократија и слобода. Што се случи со таквиот сон светот гледа секој ден: Ирак ниту е слободен, ниту демократски, а ниту еден режим во регионот не е ни блиску до тие идеали, додека во САД одамна доминира трезвеноста, па се бара начин како да се најде достоинствен пат да се напушти ирачкото минско поле. Се чини, Џорџ Буш е еден од малкутемина кој сака да го продолжи досегашниот пат и сега зборува за тоа дека Иран мора да се спречи да поседува атомско оружје, зашто инаку се заканува Трета светска војна! Додуша, тој истовремено рече дека и натаму ќе го презема секој политички напор да го премисли Техеран од неговите планови, но токму во тоа веќе никој не верува: Буш е водечката сила во меѓународната кампања против иранската атомска политика и во последните години доволно често јасно предупредуваше дека сака промена на режимот во Техеран, и дека во краен случај ќе употреби сила, зашто Иранците мораат да бидат спречени.

Досега, меѓутоа, Буш остана должен да изложи докази за неговите изјави, зашто такви докази нема. Само сомнеж дека Иран поседува капацитет за совладување на нуклеарниот циклус и дека тоа знаење нема да го користат само за производство на струја, туку и за изградба на атомска бомба. Врз таков слаба темел, не е можно да се гради политичка кампања, уште помалку да се повикува на нова војна. Меѓутоа, претседателот не гледа така, зашто е премногу убеден во исправноста на неговиот курс.

Инаку, Буш деновиве не е „осамен глас во пустина„: малку кој американски политичар што има намера да се кандидира за наследник на Буш, ја пропушта можноста да предупреди на Иран и да се заколне дека ќе спречи Иран да дојде во посед на атомско оружје. Такви изјави посебно доаѓаат од еврејските организации, а и Буш јасно стави на знаење за што станува збор: во Иран гледа смртен непријател на Израел, зашто сака да ја уништи оваа држава и во тоа мора да биде спречен. Претседателот со таквите проценки го надминува и она што го мислат искусните американски офицери. И покрај сета грда реторика, Техеран не претставува никаква сериозна закана за Израел, изјави неодмна генерал Џон Абизаид: светот би можел да живее и со атомски вооружен Иран. Тоа што Буш зборува за Трета светска војна, треба да му заблагодраиме на рускиот претседател Владимир Путин. Тој на Иран му даде право на цивилно користење на атомска енергија. Но, токму тоа воопшто не се совпаѓа во концептот на Џорџ Буш.

Петер Филип