1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Буш сениор, Горбачов и Кол први добитници на наградата за обединување на Германија и Европа

Тројцата политичари кои се најзаслужни за повторното германско обединување и за паѓањето на „железната завеса„ денеска ја добија наградата „Поинт алфа„ дотирана со по 50.000 евра.

„Канцеларот на обединувањето„ Хелмут Кол на доделувањето на наградата „Поинт алфа„

„Канцеларот на обединувањето„ Хелмут Кол на доделувањето на наградата „Поинт алфа„

Поранешниот американски Претседател Џорџ Буш сениор, тогашниот Претседател на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов и канцеларот на обединувањето, Хелмут Кол ги примија наградите токму на „Поинт алфа„ , стратешки најважниот и затоа легендарен американски контролен пункт на границата меѓу двете германски државни творби во близината на градот Фулда.

Буш при доделувањето изјави оти е многу горд што имал можност да даде придонес за германското повторно обединување и дека тоа било можно само преку соработката со овој силен тим, во кој сите верувале во единството на Германија како можност. Горбачов порача дека ја предал власта во допверливи раце, а Кол високо ја оцени неговата подготвеност за барање мирни решенија: никој не можеше да ја исклучи можноста во 1989-та руски тенкови да го прегазат Источен Берлин.

Кураториумот на Фондацијата Германско единство, основана пред две години, посочи дека тројцата политичари дале „решавачки придонес за надминување на децениската поделба на Германија и на Европа, како и на диктатурата и неслободата„.

Зошто наградата им се доделува токму на денешен 17. јуни - појаснува коментарот на Ута Тоферн.

Денеска се будат духовите од минатото. Буш сениор, Горбачов и Кол, трите клучни фигури за паѓањето на „железната завеса„ се среќаваат повторно на поранешната граница меѓу двете германски државни творби. И тоа токму на Денот на германското единство, што порано се славеше во Сојузна Република Германија во спомен на загушеното востание на Источните Германци од 17. јуни 1953-та. Кусо по смртта на Сталин работниците од ГДР се кренаа на протести, прво поради покачувањето на работните норми, но потоа и за слободни избори и воопшто за слобода и демократија. Спонтаното востание беше секако задушено по налог на советското раководство и тоа со воведување вонредна состојба, со апсења и смртни пресуди.

Во денешна повторно обединета Германија овој настан тукуречи потона во заборав, исто како и сеќавањето дека се слеваше како Ден на германското единство. На забот на заборавот му подлегна и еден друг ден во летото 1991 година, кога пучистите во Москва го прогласија тогашниот претседател Горбачов за сменет, а Берлин, се уште опколен со единици на советската армија, на кусо остана без здив. Тогаш уште не стигнавме ниту еднаш да го прославиме новиот Ден на германското обединување. Колку драгоцена ни беше тогаш слободата, додека беше загрозена. И колку без почит се однесуваме кон неа, сега кога ни се чини како отсекогаш да била сама по себе разбирлива.

Американскиот Претседател Двајт Ајзенхауер во таа далечна 1953. година прорече дека главен придвижувач на уривањето на комунистичкото царство ќе бидат „храбрите Источни Германци„ кои се осмелија „со голи раце и со силни срца да се кренат против тиранијата на топовите„. Историјата донесе поинаков развој: „храбрите Источни Германци„ додуша го предизвикаа пресвртот во ГДР и со тоа го отворија патот за распаѓање на Советскиот Сојуз. И тие го рискираа животот за слобода и демократија. Но, тогашниот патос во нова Германија падна во заборав и сега дури се проследува со своевидна нелагода, па дури со срам.

За разлика од нас, Џорџ Буш постариот, Михаил Горбачов и Хелмут Кол никогаш не се срамеа од користење „големи зборови„. Горбачов го лансираше поимот за „заедничкиот европски дом„. Кол го врза германското повторно обединување нераздвојно со обединувањето на Европа. А Буш е оној политичар, без кого обете визии никогаш немаше да бидат реализирани. Тоа што токму овие тројца политичари денеска добиваат награди за големите историски заслуги е секако патетичен гест. Но, тоа во денешната ситуација и тоа како добро ќе и дојде како на Германија, така и на цела Европа.