1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Буш последен пат на „терен“ на ЕУ

Самит на ЕУ и САД во Брдо, Словенија. Тоа е последен настап на Џорџ Буш пред ЕУ. Работниот дел на посетата на Буш трае седум часа, а ако се суди според агендата, би можел да трае и цела недела.

default

Џорџ Буш и Јанез Јанша - Словенците како претседавачи со ЕУ мораа да молат со месеци за американскиот претседател да дојде на самитот

Долго време беше целосно неизвесно дали американскиот претседател ќе се држи до традицијата на годишни самити на ЕУ и САД, поради тоа што е ова негова последна година на функцијата. Словенците, актуелен претседавач со ЕУ, мораа навистина да молат, со месеци!

Сега Џорџ Буш е тука. За политичките разговори со првите луѓе на ЕУ се предвидени вкупно седум часа. Време нема многу. Сепак, овој самит е повеќе од автоматско реализирање на еден обврзувачки термин на престиж. Тој, за време на турбулентните предизборни времиња, треба да послужи за во САД да се демонстрира колку е сепак солиден трансатлантскиот однос, наспроти сите недоразбирања од последно време и актуелните кризи, меѓу другото и во трговската политика.

Потпретседателот на Европската комисија, Гинтер Ферхојген, кој е присутен на самитот, е убеден дека „...има вредности кои што не‘ поврзуваат. ЕУ и САД имаат повеќе заеднички нешта од кои било други два региони во светот.“

Согласност за Иран, без заеднички именител за климата и за човековите права

Џорџ Буш бара заедничко дејствување на Американците и Европејците, меѓу другото, кон Иран. Тој сака ЕУ, по урнек на САД, да заземе тврд курс на санкции кон Техеран, за да се спречи опасноста Иран да стане атомска сила. Очигледно, Европејците се подготвени оваа американска желба да ја исполнат на овој самит. Се смета со тоа дека ќе бидат договорени казнени мерки кон иранските финансиски институции доколку Иран продолжи со својата атомска програма.

Демонстрирање единство, сепак, ќе биде тешко по две теми за кои исто така станува збор на самитот - заштита на климата и заштита на човековите права. Тука, сосема очигледно, нема заеднички вредности. Вашингтон ја кочи заштитата на климата, а нема да биде затворен ниту злогласниот затвор Гвантанамо.

Несогласувања и во фундаментот на односите

Меѓу партнерите има несогласувања и во сферата, која важи за фундамент на трансатлантските односи - трговската политика. Во моментов многу се спори околу т.н. “хлорни пилиња“. Имено, Вашингтон бара забраната на ЕУ за увоз на пилешко месо, која постои 11 години да биде укината. Овие пилиња во САД се потопуваат во вода со хлор како анти-бактериолошка мерка, а оваа процедура е отфрлена од страна на ЕУ.

Несогласувања има и поради рестриктивната визна политика на американската влада кон некои држави на ЕУ, пред се‘ од Источна Европа, како и најновите барања секој патник во САД да мора да се пријави онлајн кај американските власти најдоцна три дена пред да стапне на американска почва.