1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Буш: патот напред за Косово води во независност, за Србија во членство во НАТО и ЕУ

Идниот статус на Косово, но овој пат и со поглед кон Србија, беше тема на разговорите на Џорџ Буш денеска во Софија. Стана збор и за антиракетниопт одбранбен систем – Бугарија сака да биде интегрирана во него

default

Буш и Прванов денеска во Софија

Џорџ Буш и во Софија, како и претходно во Тирана, јасно се заложи за независност на Косово: “Време е за тоа, мораме да напредуваме – Америка смета дека Косово мора да биде независно”. Но, тоа во Софија не наиде на безгранична согласност. Бугарија е заинтересирана за добри односи со Русија и Србија, кои се категорично против независност на досегашната српска покраина.

Буш обелодени дека претседателот на Бугарија Георги Прванов посебно вршел притисок да бидат земени предвид и српските претстави околу решението на косовскиот проблем. Затоа, Буш подаде рака кон Белград: “Сакам јасно да констатирам: и за Србија има само еден пат напред, веројатно како член на НАТО и на ЕУ”. Вашингтон е свесен за очекувањата на Белград за подобрување на српско-американските односи, рече Џорџ Буш во главниот град на Бугарија.

Извесно разногласие имаше и околу планираниот антиракетен одбранбен штит. Алудирајќи на руско-американскиот конфликт околу тој проект, кој предвидува поставување елементи од системот и во Средна Европа, Прванов рече дека “не би требало Бугарија да мора да се решава за избор меѓу пријателство со САД или со Русија. Би сакал да бидам спријателен со Џорџ, како и со Владимир”. Георги Прванов ја нагласи заинтересираноста на неговата земја да биде интегрирана во антиракетниот штит.

Инаку, Буш му оддаде признание на бугарскиот придонес “во борбата против екстремистите и терористите” во завојуваните подрачја на Ирак и Авганистан, како и “во стабилизацијата на младите демократии”. Американскиот претседател и’ вети на Бугарија “силна подршка” за ослободување на осумте медицински сестри осудени на смрт во Либија наводно затоа што се виновни за заразувањето со сида на околу 400 деца во таа земја, во која биле ангажирани како медицинска испомош.

За разлика од Албанија, во Бугарија населението го пречека Џорџ Буш во голема мера воздржано и рамнодушно. Непосредно пред неговото доаѓање имаше и демонстрации со околу 200 учесници. “Америка води политика на агресија против сиромашните народи. Тоа создава омраза – вие парите побргу би требало да ги потрошите за оние, кои немаат ништо за јадење” – рече еден од демонстрантите.

Бугарија беше последната станица од европската турнеја на Џорџ Буш, при што тој престојуваше и во Чешка, Полска, Италија и Албанија, учествуваше на самитот на Г8 во германското место Хајлигендам и се состана и со Папата Бенедикт 16-ти во Ватикан. Попладнево американскиот претседател се враќа назад во Вашингтон.

Кристијан Фаул