1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Буш и Меркел за заеднички настап во спорот околу Иран

Германија и САД ќе се залагаат за дипломатско решение во спорот околу атомската програма на Иран.

Меркел и Буш: веќе „добри пријатели„

Меркел и Буш: веќе „добри пријатели„

На средбата со американскиот претседател Џорџ Буш во Белата куќа канцеларката Ангела Меркел посочи дека гледа добри шанси за изнаоѓање дипломатско решение за спорот. При тоа гостинката од Берлин јасно стави до знаење дека Иран не смее да дојде во посед на атомско оружје.

Ова е допрва втора средба меѓу двајцата политичари, а шефот на Белата куќа се однесуваше кон германската канцеларка како да станува збор за старо добро пријателство. Ангела Меркел во меѓувреме се‘ повеќе се наоѓа во улога на посредник во играта на нерви околу атомската програма на Иран. Таа минатата недела повеќе часови разговараше за ова горливо меѓународно прашање со рускиот Претседател Владимир Путин за време на германско-руските меѓувладини консултации во градот Томск. Така вчера во Вашингтон таа можеше да му го предочи рускиот став на американскиот Претседател Џорџ Буш, исто како што и на рускиот му го појаснуваше ставот на Американците. Меркел со голем интерес го следеше објаснувањето на Буш за големиот интерес на светската супер сила за заеднички настап. САД имаат намера активно да соработуваат со нивните партнери за да ја постигнат важната цел, имено да му покажат на Иран дека не е прифатлива неговата атомска програма:

„Ќе продолжиме да се консултираме со нашите партнери во изнаоѓањето дипломатско репшение за овој проблем, како по прашањето на тајминогот на резолуциите во Советот за безбедност, така и околу нивната содржина. И ќе дојдеме до заедничка согласност, бидејќи она е заедничко настојување„ – нагласи Буш.

Таквиот став и‘ беше добредојден на германската канцеларка, која се залага за задржување на заедничкиот став на меѓународната заедница:

„Согласни сме дека мораме да најдеме дипломатско решение и гледам добри шанси за тоа. Јасно е дека решителноста на меѓународната заедница мора да се манифестира заеднички, а тоа значи дека треба да се потрудиме на Иран да му покажеме што бараме од него со што е можно поголем број партнери.„

Ангела Меркел се залага за поднесување таков предлог резолуција во Советот за безбедност на ОН, што ќе биде можеби поблага, но со која ќе се сложат сите членки на Советот. Оваа желба се чини дека во моментов наидува на одобрување и во официјален Вашингтон. Во преговорите во Светската организација САД го прифаќаат предлогот на Франција и Велика Британија со кој од Техеран се бара да го сопре обогатување ураниум, но при тоа не се предвидуваат веднаш санкции. Од друга страна Буш сепак во изјавите остави простор и за поинаков настап во кризата. Тој актуелните дипломатски напори го означи како едно од можните решенија, но може да има и други доколку некоја од петте постојани членки на Советот за безбедност подоцна ги блокира резолуциите.