1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Буш за судбината на Садам

Апелите на генералниот секретар на ОН не се попусто упатени до меѓународната заедница. Американскиот претседател Џорџ Буш, имено, со симпатија реагира на барањето на ирачкиот Преоден совет на Садам Хусеин да му суди ирачки, а не меѓународен суд, бидејќи меѓународниот Трибунал не би можел да донесе пресуда за смртна казна.

"Јас имам мое лично мислење, како би требало да се однесуваме со него. Тој е брутален диктатор, кој има убиено многу луѓе, но моето лично мислење не е важно. Важен е ставот на ирачкиот народ" - изјави Буш, кој пред да дојде на функцијата претседател на САД, беше гувернер на Тексас, сојузната држава која го носи неславниот рекорд по бројот извршени смртни казни, токму за време на владеењето на Буш помладиот.

Со идејата за судење пред ирачки Суд се сложува и републиканскиот сенатор, Пет Робертс, кој се повикува на соодветната судска инстанца создадена во Багдад токму пред неколку дена. Наспроти тоа, сенаторот од редовите на Демократската партија и кандидат за иден претседател, Џон Кери, бара поголемо меѓународно учество во судскиот процес за Садам Хусеин. Кери при тоа нагласува дека ирачкиот систем се' уште не е до крај изграден.

Како и да е, додека се собере потребниот доказен материјал и додека биде подигнато официјално обвинение ќе минат веројатно уште неколку месеци. Се' дотогаш поранешниот ирачки диктатор останува во рацете на Американците - секако под добар третман: "Тој ги ужива правата на воен заробеник и третманот ќе биде во склад со Женевските конвенции. Никој не треба да се грижи за тоа дека ќе биде третиран на хуман и професионален начин" - вети американскиот министер за одбрана Доналд Рамсфелд.