1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Буш за решение со две држави - палестинска и израелска

Американскиот претседател Џорџ Буш настапи во Израел нагласено произраелски, додека на Светскиот економски форум во египетското летувалиште Шарм ел Шеик го прошири погледот: регионот е на вистински пат.

default

Џорџ Буш на Светскиот економски форум во Шарм ел Шеик

Буш, египетскиот претседател Хосни Мубарак и јорданскиот крал Абдула го отворија годинашниот Светски економски форум, на кој 1500 водечки претставници од политиката и стопанството од околу 50 земји три дена ќе дискутираат за политичките и економски можности на Блискиот исток.

Мировниот договор е од интерес на сите

Џорџ Буш го нагласи значењето на образованието, приватната иницијатива во стопанството и политичките слободи. Тој ја изнесе и својата визија за мирољубив, слободен и демократски Блиски исток. Тоа не е ни американска, ни еврејска, ниту муслиманска, туку универзална визија, уверуваше американскиот претседател.

За разлика од говорот во израелскиот парламент, овој пат тој беше поконкретен: наспроти сите песимистички проценки, Буш најави дека уште во текот на годинава ќе дојде до израелско-палестински мир. „Мировен договор е од интерес за Палестинците, за Израелците, за арапските држави и за целиот свет. Јас цврсто верувам во тоа, дека доколку бидат охрабрени лидерите, мировниот договор можеме да го постигнеме годинава.“

Буш за решение со две држави

Буш, кој во Шарм ел Шеик се состана и со претседателот на Палестинците Махмуд Абас, недвосмислено се искажа за решение со две држави - палестинска и израелска - една крај друга. Тој ги повика водачите од регионот да го подржат проектот и нагласи дека е посебно важно да се сузбијат радикални групи како Хамас и Хезболах, како и државите што нив ги подржуваат. Притоа се мисли на Сирија и уште повеќе на Иран, за кого Буш категорично рече дека не смее да се дозволи да развива атомско оружје.

Регионот не го прифати добро говорот на Буш во Израел

Јорданскиот крал Абдула меѓу редови укажа дека говорот на американскиот претседател во Израел не беше посебно добро прифатен во регионот: „Славења на независноста се без содржина се додека се спречува траен мир, оти не се корегираат грешките. Вистинскиот празник ќе дојде дури кога и Палестинците и Израелците ќе можат да кажат: слободни сме, сигурни сме дека минатото остана зад нас“.

Но, најголемиот дел од учесниците на форумот веројатно беа согласни дека тој ден нема да дојде во наредните месеци, а прогнозата на Буш за мир уште во текот на годинава веројатно не беше повеќе од обид да се коригира впечатокот, што го побуди на почетокот во Ерусалим, за пристрасност во полза на Израел.