1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Буш бара Иран да ги ослободи британските маринци

Велика Британија се труди случајот да биде решен со компромис. Од Иран е демантирано дека се подготвува судење на уапсените.

Џорџ Буш

Џорџ Буш

За прв пат во врска со спорот околу 15-те британски маринци кои се наоѓаат в затвор во Иран се искажа и американскиот претседател Џорџ Буш. Тој и’ даде подршка на британската влада и побара ослободување на маринците. „Проблемот со британците-заложници е сериозен, оти Иранците ги уапсија во ирачки води. Таквото однесување е непростливо. Цврсто ги подржувам напорите на владата на Блер за мирно решение. Го подржувам премиерот кога јасно одбива противуслуга за ослободувањето на маринците. Иранците мора да ги вратат заложниците, оти тие не сторија ништо погрешно“ – рече Буш.

Британските весници пишуваат дека владата се труди за изнаоѓање компромисно решение, што и на Иран би му овозможило да ги ослободи маринците, а сепак да го зачува образот. Помирливи тонови доаѓаат од министерот за надворешни работи Маргарет Бекет – „Мислам дека секој жали што дојде до оваа ситуација“, рече таа и ја искажа желбата на Лондон за мирно решение: „Ние сакаме да се најде излез - и тоа мирољубив и колку што е можно побргу“.

Во Иран, пак, е демантирана информацијата дека се подготвува судење на маринците - иранскиот амбасадор во Москва, наводно, бил погрешно интерпретиран. Во меѓувреме имало први контаки меѓу соработниците од штабовите на претставникот на ЕУ за надворешна политика Хавиер Солана и на секретарот на иранскиот национален совет за безбедност Али Лариџани. Солана претходно навести дека во решавањето на кризата и Турција, која пред три дена понуди посредништво, би можела да одигра улога. Премиерот Ердоан по телефон разговарал со иранскиот претседател Ахмадинеџад, но се’ уште нема резултат од тој разговор.