1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бучковски им ветувал на САД молк за Ел Масри

Викиликс ги објави првите тајни депеши на американскиот Стејт Департмент испратени од Скопје. Eдна од двете белешки нотира работна вечера на поранешната амбасадорка Џилијан Миловановиќ со екс-премиерот Владо Бучковски.

default

Поранешниот македонски премиер Владо Бучковски лично се залагал кај Трибуналот во Хаг за одлагање на враќањето на четирите случаи со наводи за воени злосторства од конфликтот во 2001 во текот на 2006-та година, покажуваат тајните депеши на американската амбасада во Скопје испратени до централата во Вашингтон. На работна вечера со тогашната амбасадорка Џилијан Миловановиќ, Бучковски се обврзал и дека тој и неговиот министер за внатрешни работи, во тоа време, Љубомир Михајловски ќе го продолжат молкот во однос на случајот „Калид Ел Масри“ и покрај барањата на Советот на Европа и на претставници на ЕУ.

EX-Premierminister von Mazedonien Vlado Buckovski

Поранешниот македонски премиер Владо Бучковски

Недоволна координација меѓу Бучковски, Митрева и Црвенковски

Јавниот обвинител Александар Прчевски кон крајот на февруари 2006-та имал закажано средба со високи претставници на Хашкото обвинителство на која требало да бара ново одложување на враќањето на четирите досиеја со наводи за воени злосторства од конфликтот во 2001-та, за кои Трибуналот одлучи да не поведува постапка. Бучковски на Миловановиќ и соопштил дека инсистирал Прчевски да бара само вербални ветувања за одложувањето на враќањето, затоа што се плашел дека било каков пишан документ или документ на оваа тема би можел да биде злоупотребен од тогашната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ за напади врз Владата дека е премногу мека кон Албанците.

Во продолжение на белешката е наведен коментар на американските претставници кои велат дека тврдењата на Бучковски се во спротивност со претходно изнесените ставови на тогашната министерка за надворешни работи Илинка Митрева. Од тоа, амбасадата на САД во Скопје заклучила дека во Владата постои недоволна координација меѓу Бучковски и Митрева и тогашниот шеф на државата Бранко Црвенковски. Притоа се забележува дека Бучковски на локалните медиуми им изјавил дека враќањето на четирите случаи од Хаг треба да причека до завршувањето на правосудните реформи во земјата, до крајот на годината.

Најмалку 500 депеши од Скопје

Khaled el Masri in Straßburg

Калид ел Масри

Што се однесува до случајот со киднапирањето на германскиот државјанин Калид Ел Масри, Бучковски и ветил на Миловановиќ дека ќе продолжи да го поддржува тогашниот министер за внатрешни работи кој одбивал да го дискутира случајот со новинарите во земјата.

„На Бучковски му олесна кога слушна од амбасадорката дека ни САД нема да го менуваат курсот по ова прашање, и дека ќе продолжат да одбиваат да зборуваат јавно за него“. Бучковски побарал од амбасадорката за ова прашање да се консултира и со германската амбасада во Скопје, затоа што Германците вршеле притисок врз Македонија да биде поотворена на оваа тема, но Миловановиќ одбила.

Според најавите, се очекува на Викиликс да се појават најмалку 500 депеши испратени од американската амбасада во Скопје.

Автор: Борис Георгиевски / викиликс

Редактор: Симе Недевски

DW.COM