1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бутарис: Проблемите се решаваат со добро расположение

Соседните држави треба да живеат и соработуваат меѓусебно, проблеми постоеле и ќе постојат, но ако има добро расположение тие ќе се решат, изјави солунскиот градоначалник Јанис Бутарис во Скопје.

Треба сите да ставиме вода во виното, инаку не се пие. Ова денеска (10.12.2013) на прес конференција во Скопје го изјави градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, кој предводеше поголема бизнис делегација со цел дополнително зајакнување на економските и трговските односи помеѓу двата града. Околу клучниот проблем меѓу двете држави, кој е и пречка за Македонија во нејзините евроатлантски интеграции, Бутарис нагласи дека не се занимава со надворешна политика, но рече дека Грција не е таа што ја блокира Македонија, туку одлуките ги носи Европската унија.

„Мојата улога не е политичка. Средбите меѓу градоначалникот на Солун и на Скопје само ги зближуваат народите на двете држави. Тоа е тоа што става ’вода во виното’. Паметните политичари треба да го слушаат гласот на народот. Улогата на градоначалниците е воспоставување на добри односи“, изјави Бутарис.

Запрашан да даде коментар за изгледот на Плоштадот во центарот на Скопје, Бутарис рече дека „малку не е како што треба“ и дека естетски ги „боде очите“.

„Има многу статуи, не треба да е сe‘ на едно место. Мислам дека тоа не дава убава слика, естетика, но тоа секако е ваш избор“, рече Бутарис.

Тој нагласи дека жителите на Македонија се секогаш добредојдени туристи во Солун и во околината и се од голема значење за локалната економија.

Според статистичките податоци, Македонците се на трето место по потрошувачка во Солун, веднаш зад Русите и Украинците.

Бутарис ги осуди настаните од минатото лето, кога беа оштетени повеќе возила со македонски регистерски таблички, за кои смета дека биле извршени од екстремисти на Златна зора, која во меѓувреме е прогласена за криминална организација.

Градоначалникот на Солун посакува во наредните години значително да се зголеми бројот на грчки туристи во Скопје, за што ги повика локалните власти да организираат една презентација во Солун.

Јанис Бутарис прес-конференцијата ја отвори со податокот дека потекнува од Крушево, на што е горд, дека и претходно во повеќе наврати престојувал во Скопје, одржувал пријателски и економски односи со македонски државјани, како и дека предок на неговата сопруга бил еден од сопствениците на куќата „Шкаперда“ во центарот на Скопје.