1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Бура околу "работата на црно" во Германија

Деновиве во германската јавност се крена бура во чаша вода околу најавената борба на владата против нелегалното вработување. Станува збор за намерно или ненамерно искривување од страна на медиумите на најавата на министерот за финансии Ханс Ајхел дека во борбата против работата на црно ќе вклучи дополнителни 7.000 иследници. Јавноста се возбуди: значи ли тоа дека сега на удар ќе се најдат непријавените домашни помошнички и бејбистиерките? Секако не, појасни министерот за правда Бригите Циприес, намерата на владата е насочена во сосема друга насока. Работата на црно за голем број Германци е прекршок против честа, но не и кршење на законот. Според анектите на јавното мнение речиси секој втор Германец може да си замисли во некоја пригода да работи, и секако да заработи, без тоа да и' го пријави на државата. Сивата економија е од секогаш во подем во државите, кои ги оптоваруваат своите граѓани со високи давачки, влеат стручњаците. Проценките околу ралниот обем на оваа појава во Германија се различни. Оние експерти кои се потпираат врз анкетите на јавното мнение, сметаат дека вкупната вредност на заработувачка од овој вид изнесува 4% од бруто домашниот производ. Други, кои укажуваат на фактот дека непријавените зделки се одвиваат со кеш пари, се обидуваат да ја проценат оваа појава према дополнителната побарувачка на банкноти. Но, со нив се одвива и трговијата со дрога, шверцот од секаков вид, како и проституцијата, така што оваа проценка би била погрешна. Во "златната средина" се проценките според кои во 2002. година 16% од вкупно произведената нова вредност во Германија ја одминала државната каса. Поконкретно, станува збор за 350 милијарди евра годишно. Со оваа стапка Германија уште се наоѓа во средината, според проценките на ОЕЦД. Зашто во Грција и Италија дури 28% од бруто-домашниот производ го одминуваат фискусот. На другата страна на скалата се наоѓаат земји со ниски даночни обврски, како Јапонија, САД и Швајцарија, каде на сивата економија отпаѓаат само 8 до 11%. Во Германија најмногу погодени од оваа појава се градежната бранша, гастрономијата и занаетите. Државата за последните 4 години ги зголеми трошоците за иследници по нелегални работници за дури 44%, на вкупно 340 милиони евра годишно. Но, тие успеваат сепак да фатат на дело само 5 од 1.000 работници на црно. Според најавите на сегашната влада, истражните органи треба да бидат засилени со нови 7.000 соработници, што како најава и ја предизвика бурата во јавноста: "Во мене тоа буди сомнежи дека зад секој граѓанин ќе стои еден иследник и ќе се обидува секоја нерегуларност да ја оцени како деликт" - ги изрази стравовите буџетскиот експерт на парламентарната група на опозиционата Унија, Дитрих Остерман. Од друга страна, претседателот на Здружението на германските синдикати, Михаел Зомер, критикува што актуелната дебата поттикната од опозицијата само го заматува вистинскиот проблем: "За нас е важна пред се' борбата против нелегалната работа, а таа стана масовен феномен во градежништвото, такси службите, рестораните, хотелите. Со тоа се уништуваат легални работни места." Опозицијата меѓутоа смета дека обидот на актуелната влада со зголемување на бројот контролори оди во погрешна насока. Таа треба да ги намали даночните оптоварувања и со тоа да овозможи легализирање на работата на црно, појаснува генералниот секретар на ЦДУ, Лауренз Мајер. Инаку, се' додека еден занаетчија од секоја сметка на 100-тина евра мора на државата да и' препушти дури 67, сивата економија ќе цвета.