1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Бунт против фрекингот

Што да се прави кога растат цените на енергенсите? Алтернатива за увозната нафта треба да се побара дома. Така размислуваат владите во Европа и светот, па и британската. И таа ја бара токму во едно мало место.

Белкомб е мало, тивко место на југот на Велика Британија. Но, на селскиот мир и тишина им дојде крај. Тука сега одекнуваат звуци на барабани и протестни песни.

Заштитниците на природата овде се здружија со друидите и маскираните. Меѓу нив е и жителот на селото Чарлс Меткалф. Познатиот експерт за вино никогаш не протестирал, но сега под својата јакна носи маичка со антифрeкинг слоган, кој гласи: „Не чепкајте ја мојата родна грутка“.

„Ако не направиме нешто за да го запреме ова, не само овде, туку насекаде, нашата околина ќе биде руинирана, атмосферата загадена, водата веќе нема да биде чиста. Ќе имаме страшна иднина“, вели Чарлс Меткалф.

Бeлкомб моментно е првата линија на фронтот на британските противници на фрeкингот. Чарлс Меткaлф со соседите и со засилувањата отстрана прави човечки синџир пред енергетската фирма Квадрила. Протестите се во најголема мера мирни.

Па сепак се уапсени 82 лица. Атмосферата се вжешти. Квадрила привремено ги запре работите. Противниците на фрeкингот тоа го слават како етапна победа. Фрeкинг е метода на разбивање на карпи со вода и хемикалии под висок притисок. Така се ослободува нафта содржана во карпите. Според Квадрила, тоа се тестови и не е решено дали ќе се врши експлоатација.

На Чарлс Меткалф му се познати сите објаснувања на фирмата. Тој не им верува ни збор:

„Сакаат да го одвлечат вниманието, велејќи дека нема да вршат фрекинг, туку различни слоеви варовнички карпи малку ќе ги третираат со киселини. Но, тие ќе вршат фрекинг, научивме да не им им веруваме ништо од кажаното.“

Фрекингот некаде предизвикува потреси на земјата. Граѓаните во Белкомб се плашат од можни придружни последици.

Во едно видео на Јутјуб од САД се гледа како од славините за вода излегува гас. Вакви вознемирувачки работи ќе најдете ако на интернет го пребарувате поимот фрекинг. Џон и Дај Посписајл со своето бебе се доселиле во Белкомб пред само шест месеци. Сега се прашуваат уште колку долго ќе бидат чисти водата и воздухот.

„Како родители, најмногу сме загрижени за здравјето на децата, тоа ни е најважно. Ако постои некаков сомнеж дека тоа може да предизвика здравствени проблеми, тогаш треба да се направи нешто повеќе - или за наша заштита, или за забрана на фрекингот, како во Франција“, објаснува Дај Посписајл

Белкомб да остане зона без фрекинг, бараат Дај и Џон Посписајл и 85 проценти од жителите. Но, нивните противници се моќни. Британската влада во фрекингот гледа решение за растечката потреба од енергенси.

Белкомб е симбол на сонот за нова златна треска со благослов на политиката. Фрекингот треба да донесе пристап до резерви нафта вредни над илјада милијарди евра. Според владата, фрекингот е нова енергетска револуција. Таа на фирмите им издаде лиценци за фрекинг на 176 локации.

Конзервативниот премиер Дејвид Камерон во секоја пригода лобира за фрекингот:

„Правиме голема грешка ако не размислиме сериозно за фрекингот“.

Тој сака да ги продобие граѓаните ветувајќи ниски цени на енергијата.

На жителите побитна им е чистата вода. Југот на Англија е традиционално упориште на конзервативците, но сега фрекингот го разниша.