1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Бунтот“ во ДПА, најава за промени во албанскиот политички блок?

ДПА го условува враќањето во македонското Собрание со резолуција за признавање на независноста на Косово. Дали турбуленциите во оваа партија ќе донесат и други промени во албанскиот политички блок во земјата.

default

ДПА останува надвор од парламентот

„Демократската партија на Албанците останува и натаму надвор од Парламентот, но, ќе се врати во него кога ќе биде ставена на дневен ред нејзината резолуција за признавањето на независноста на Косово“ – одлучи Централното собрание на ДПА во Тетово на последната седница. Во врска со враќањето во законодавниот дом лидерот Мендух Тачи изјави:

„Тропаме на затворени порти. Изјавите дека 'не ни треба Брисел, не ни треба НАТО, не ни треба опозиција, не ни треба ништо', водат кон тоа: 'не ни треба народ, ни граѓани, ни ништо'. Се е јасно“.

Селмани го продлабочува расцепот во ДПА

Заминувањето на Имер Селмани и други партиски функционери, кои ќе бидат членови во неговата нова партија Тачи го оцени како „антиалбански проект кој како главна цел го има растурањето на политичкото организирање на Албанците.“

„Пребегнати се два, или три проценти луѓе од ДПА. Во ДПА има демократија. Тие немаа поддршка во органите на партијата, инаку, тој бунт ќе требаше да се случи внатре. Таквите луѓе ќе исчезнат бргу од политичката сцена. “

Menduh Taci von DPA, Mazedonien

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи

На својата официјална веб – страница ДПА уште пред два дена остро ги нападна Имер Селмани и неговите истомисленици, означувајќи ги како „без’рбетници, зафатени со епидемијата на жедта за власт“. „Оддалечени од албанската национална кауза, тие се во потрага по нешта, кои не постојат, тие не се во можност да и нанесат рани на ДПА и, свесни или не, само стануваат аргати на раздорот меѓу Албанците“ – вели ДПА за својот досегашен потпретседател Имер Селмани и неговите приврзаници.

Селмани најавува дека ќе биде конструктивна опозиција

Во изјава за Дојче Веле Селмани го отфрли барањето на Мендух Тачи тие да ги вратат трите пратенички мандати, а за дел од македонските електронски медиуми нагласува:

„Целта не ни е да имаме голем број пратеници, туку да имаме добри пратеници, кои ќе ги одразуваат интересите и потребите на граѓаните. Ќе настапиме како конструктивна опозиција. Ќе ја поддржиме секоја иницијатива, која што ќе биде добра за граѓаните, за Македонија воопшто“.

Во македонската јавност деновиве можат да се чујат гласини дека Никола Груевски сака, наводно, „новата партија во албанскиот блок да ја има како резерва, во случај ако не му успее коалиционирањето со Демократската унија за интеграција“. Проструија и шпекулации дека лидерот на ВМРО ДПМНЕ „не прифаќа да назначува кадри од ДУИ – поранешни команданти, или припадници на ОНА, на функции во државните органи, поради што дошло до внатрешен судир меѓу интелектуалното и военото крило во партијата на Али Ахмети“.

Алити:нема раздор во ДПА

Потпретседателот на ДУИ, Рафиз Алити во изјавата за Дојче Веле тврди

„Такво нешто не постои: дека има разединување меѓу интелектуалното крило и тие што ја водеа војната, или, 'радикалното крило', како што сака некој да го претстави. Нема некакви судири внатре во партијата.“

Во наредните неколку недели многу нешта ќе бидат познати во врска со моментните турбуленции во албанскиот политички блок во Македонија. Едно од клучните прашања, на кои ќе треба да се даде одговорот, е: Дали веќе се случува „политичка пролет“ во тој блок, промовирање нов резон и нова политичка филозофија во албанската етничка заедница во Македонија?