1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бунтовниците го освоија главниот град на ЦАР

Во Централноафриканската Република (ЦАР) бунтовниците го освоија главниот град Бангуи. Претседателот на земјата Франсоа Бозизе, според изјавите на негов советник, се наоѓа во бегство.

По кратки борби борците на бунтовничкото движење Селека ја преземале претседателската палата. „Бунтовниците го контролираат градот“, изјави портпаролот на владата. Во целиот град, според информации на дописници, се слушале експлозии и престрелки. Бунтовниците ги повикаа регуларните сили за безбедност да не пружаат натамошен отпор и бараа оставка на претседателот Бозизе. Претседателот побегнал во Конго, изјави еден негов советник.

Неколку недели милициите на бунтовничкиот сојуз Селека се’ повеќе се приближуваа до Бангуи, а под контрола веќе имаат и други градови во земјата.

Бунтовниците го обвинуваат претседателот Бозизе дека не се придржувал до мировниот договор од јануари и покрај спогодбата борците на Селека не биле интегрирани во армијата. Договорот меѓу другото предвидува и примирје, формирање преодна влада и избори во рок од една година.

Со употребата на оружје бунтовниците самите го прекршија мировниот договор, кој на претседателот Бозизе му овозможува да остане на функцијата до 2016 година.

Поддршка од Јужноафриканската Република

Francois Bozize

Претседателот во бегство

Јужноафриканската Република испрати војници во Централноафриканската Република за да ја поддржат владата во борбата против бунтовниците. Бунтовничките милиции меѓутоа бараат странските трупи да ја напуштат земјата.

Исто така и поранешната колонијална сила Франција, според информации од дипломатски кругови, испрати повеќе сили за обезбедување на меѓународниот аеродром и поддршка на околу 250 француски војници, кои веќе се наоѓаат во земјата. Францускиот претседател Франсоа Оланд претходно јасно стави до знење дека војниците се само за одбрана на „француските државјани и интереси“ во земјата.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун и Советот за безбедност на ОН претходно изразија загриженост за состојбата во Централноафриканската Република. Во две различни соопштенија тие побараа итно завршување на офанзивата, која ја загрозува стабилноста и го крши мировниот договор.

Од независноста во 1960 година, земјата, иако е богата со суровини, економски не може да застане на нозе. Централноафриканската Република се смета за една од најслабо развиените земји во светот. Просечните приходи изнесуваат околу два долари дневно. Земјата инаку е богата со резерви со уран, злато и дијаманти.