1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бунтовниците го бараат Гадафи- жив или мртов

Либиските бунтовници ја освоија резиденцијата на Моамер Гадафи. Се’ уште не се знае каде се наоѓа властодржецот, кој се обрати преку радио, велејќи дека неговото повлекување од резиденцијата било тактички маневар.

default

Привремениот совет на либиските бунтовници денеска објави награда од 1,2 милиони евра за главата на развластениот диктатор Моамер Гадафи. Бунтовниците во соопштението истакнуваат дека Гадафи се бара „жив или мртов“.

Состојбата во главниот град на Либија и натаму е непрегледна. Бунтовниците, според сопствени извори, го зазедоа Триполи и резиденцијата на Гадафи, околу која се водеа жестоки битки, меѓутоа од властодржецот и натаму нема трага.

Нејасно е каде се наоѓа Гадафи. По се’ изгледа дека по нападите на бунтовниците, тој не е повреден посериозно, или дури и убиен. Имено, рано утрово Гадафи се јави за збор преку радиото и појасни дека неговото повлекување од владиниот комплекс Баб ал Азизија било „тактички маневар“. Објектот бил целосно разурнат по околу 60 воздушни напади на НАТО, појасни Гадафи и најави: ќе продолжи да се бори, до победа  или смрт!

Резиденцијата во главниот либиски град е во голема мерка уништена. По жестоките борби бунтовниците го освоија седиштето на владата. Стотици борци и жители влегоа во резиденцијата во центарот на Триполи, славејќи ја својата победа над диктаторот. Според бунтовниците, од почетокот на битката за Триполи во неделата (21.08) животот го загубиле околу 400 луѓе, а 2000 се повредени. Истовремено, биле уапсени околу 600 војници верни на режимот, соопшти шефот на преодниот совет Мустафа Абдел Џалил.

Libyen Eroberung der Gaddafi Residenz Rebellen Flash-Galerie

Бунтовниците во резиденцијата на Моамер Гадафи

Улогата на НАТО во освојувањето на седиштето на Гадафи засега е нејасна. Портпарол на Северноатлантската алијанса соопшти дека немало интервенција од борбените џетови за поддршка на бунтовниците. НАТО е постојано на терен  за во случај да треба да се интервенира, појасни портпаролот.

Премиерот на либиската преодна влада Махмуд Џибрил го повика либискиот народ на единство. „Сега почнуваме со формирање нова Либија, со сите Либијци како браќа, за една обединета, цивилна и демократска нација“, изјави Џибрил во катарскиот главен град Доха. „Преодниот период почнува веднаш“, подвлече тој.

Денеска во Доха треба да се одржи меѓународна конференција за хуманитарна помош за либискиот народ, изјави Џибрил. На конференцијата учествуваат САД, Франција, Велика Британија, Италија, Турција, Катар и Обединетите арапски емирати. Целта на конференцијата е пред крајот на Рамазан да бидат собрани 2,5 милијарди долари за Националниот преоден совет, за да бидат исплатени платите во Либија.

Автор: Франк Вернер / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

 

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема