1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Бундестасг со гласовите на владината голема коалиција го усвои законот против допинг

Организираниот спорт во Германија е задоволен со законот, за кој долго се дискутираше, додека парламентарната опозиција го критикува како недоволно далекусежен.

default

Велосипедизмот посебно на тапет поради допинг

Во иднина за прекршување на законот против допингот во посебно тешки случаи се заканува казна до 10 години затвор, наместо три како досега. Тоа не се однесува на допингуваните спортисти, туку на оние кои на недозволен начин ќе тргуваат со лекови или ќе применуваат методи како допинг со крв и со тоа го загрозуваат здравјето на трети лица.

Претседателот на парламентарната комисија за спорт Петер Данкерт за Дојче Веле оцени: “Мислам дека овој компромис е добар и нуди многу подобри основи за истрагата на надлежната Сојузна криминална полиција и обвинителството. Но, сакам и јасно да кажам дека проблемот не се решава само со заострено казнено законодавство”. Според Данкерт, мора да јакне и свеста кај спортистите.

Поседувањето минимално количество допинг-средства и во иднина ќе остане неказниво, па Винфрид Херман од Зелените критикува: “Во иднина допинг-средствата веќе нема да се наоѓаат во големи количества кај лекарите и тренерите, туку расподелени во мали порции кај спортистите, оти со тоа тие не се кривично одговорни”. Зелените забележуваат и дека во анти-допинг законот недостасува елементот на кривично дело спортска измама. Херман укажа: “Во модерниот врвен спорт во прашање се многу пари - со тоа и измама на противникот, кој многу ќе загуби, или пак со манипулации се обезбедува предност за себе”.

За Томас Бах, потпретседател на Меѓународниот олимписки комитет и шеф на Германскиот спортски сојуз, новиот закон е камен-темелник за светска борба против допингот. ”Спортот е веројатно најинтернационалната појава во нашето општество. Проблемите во спортот не можат да бидат решени само во рамките на сопствената држава”, рече Бах.

За 2008-ма, како што обелодени за спортот надлежниот министер за внатрешни работи Волфганг Шојбле, во буџетот се предвидени 3,9 милиони евра за Националната анти-допинг агенција, наспроти досегашните само 1,1 милион.

Во Бундестагот сите фракции, освен Левичарската партија, го поздравија законот како прв чекор, но либералите и Зелените сепак се воздржаа во гласањето. Либералот Детлеф Пар побара медиумите да известуваат критички за претстојната велосипедска трка Тур д’Франс - за разлика од минатото: “Токму сега новинарството не треба да се скрие зад бојкот, туку напротив, критички да известува користејќи ја својата силна страна – истражувањата. Подобро е да се обрне внимание и да се проѕрат работите, отколку да се врти погледот настрана. Тоа треба да биде раководна насока и за нашето идно дејствување”.

Марсел Фирстенау