1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Бундестаг: Министерот за економија го поднесе економскиот извештај

Владата и опозицијата во Германија, и натаму со сосема различни проценки на перспективите на економскиот развој во земјата. При претставувањето на економскиот извештај во Бундестагот, уште еднаш се судрија различните погледи на нештата - додека министерот за економија, Волфганг Клемент, во презентираните бројки гледа натамошен доказ за полет кој се наближува, опозицијата говори за "разубавување на фактите". Министерот за економија, Волфганг Клемент, е решен да се држи до реформите договорени пред една година во делот на социјалните системи и пазарот на работна сила. При претставувањето на годишниот економски извештај, тој им рече "не" на сите барања од редовите на неговите социјалдемократи, кои пледираат за промени на реформскиот концепт, со оглед на отпорот кај населението. Министерот за стопанство гледа добри шанси за економско подобрување во Германија: "Да, се работи за тоа, да се постават и психолошки насоки за еден долготраен полет, кој од 2004, 2005-та би ставил и крај на невработеноста која трае долг период. Станува збор за оправдана убеденост за Германија, а не за затрашувачко чекање и затрашувачко мрморење во Германија. Ние мора конечно да најдеме сила за полет." Клемент се заложи за даночни поедноставувања, но е против натамошни даночни олеснувања. Тој бара зголемување на одвојувањата за наука и развој, до три проценти од бруто домашниот производ. Заменикот претседавач на фракцијата на опозиционите партии на унијата, Фридрих Мерц, го потсети канцеларот Герхард Шредер на неговата најава за преполовување на бројот на невработените. Во стварноста, меѓутоа бројот на невработени и натаму расте, а бројот на работни места се намалува. "Ако истовремено, за 2003 година и поради економската политика на владата, нема да речам само поради, но и поради политиката на оваа влада, ние имавме 40 илјади банкроти во Германија, тогаш целата драматика на стопанството во Германија е видлива со еден поглед. Ние и натаму имаме работа со непроменета структурална криза на германското стопанство. И, таа структурална криза на германската економија има врска и натаму со политиката на црвено-зелените." Додека министерот за економија, Клемент и говорникот од редовите на опозицијата, Мерц, го пофалија договорот во металската индустрија околу тарифите, либералите изразија жалење што не се успеало во отворањето на тарифниот договор за исклучителни правила во претпријатијата. Рајнер Бридерле побара од законодавецот да најде сооодветно законско решение. Жестока критика тој упати кон планираната, од страна на црвено-зелената коалиција, давачка за обучување на работно место, според која, треба да плаќаат оние претпријатија кои не обучуваат доволно млади луѓе. "Давачката што треба да ја плаќаат претпријатијата кои не обучуваат доволен број млади луѓе е такса за германскиот среден слој - скапа, бирократска и не носи ништо." Престедателот на фракцијата на зелените, Фриц Кун, се осврна на судирот околу патарината за камионите и од министерот за сообраќај, Манфред Штолпе побара да го откаже договорот со конзорциумот Тол Колект, задолжен за системот на патарина, кон кој припаѓаат фирмите Дајмлер Крајслер и Телеком. Обраќајќи и' се на лидерот на опозиционата ЦДУ, Ангела Меркел,пак, Кун рече: "Знаете што госпоѓо Меркел, тоа како вие се однесувате е следно - им држите на луѓето пред нос колбас, а потоа го повлекувате зашто не можете да го платите и велите владата е виновна што нема колбас."