1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бундестагот по Хрватска типува на Македонија

По ратификувањето на ЕУ членството на Хрватска, германските парламентарци сметаат дека сега е потребна одлука и за Македонија. Се чека мислење од Филе и сигнал дека ниту една земја-членка нема намера да стави вето

Европа е атрактивна! Ова е пораката која според шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле вчера ја испратиле народните избраници на германскиот Бундестаг, со ратификувањето на Хрватска како 28 членка во европското семејство. Оваа порака, како што велат повеќемина парламентарци за ДВ е позитивен сигнал за регионот и за Македонија.
„Се радувам што проширувањето на ЕУ продолжува. Во 2003 година во Солун, Унијата на сите земји од Западниот Балкан им вети европска перспектива. Од 1 јули Хрватска ќе биде полноправна членка.Радува напредокот на договорот меѓу Белград и Приштина. Сега ни треба одлука и за Македонија. Германскиот Бундестаг го застапува гледањето дека пристапните преговори на Македонија со ЕУ може да започнат! Сега мора брзо да се разреши важното прашање околу името“, изјави за ДВ Јохан Вадефул, пратеник од ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот кој ги следи случувањата околу Македонија.

Шансите за старт се добри!

Го прашуваме: дали ова конкретно значи дека во јуни Македонија ќе добие зелено светло за старт на пристапните преговори и што ќе биде задача на Бундестагот?
„Не е во наша моќ ова да го одлучиме, туку нам, како на парламентарци ни треба конкретен предлог од Европската комисија преку комесарот Филе. Тој е во постојани разговори со Атина и Скопје. Предлогот ќе биде поднесен во оној

Johann Wadephul Abgeordneter Deutschland

Шансите се добри за Македонија! Јохан Вадефул (ЦДУ-ЦСУ)

момент кога ќе биде извесно дека нема да има никакво вето, ни од Грција, ни од Бугарија. Ние од германски аспект му сигнализиравме дека е време да се оди натаму. Верувам дека шансите се добри, но може уште малку да потрае“, е оптимистичкото очекување на Вадефул, кој подвлекува дека кога би имало сигнал од Филе, германскиот парламент брзо ќе одлучи. Оптимизмот го образложува и со фактот што веќе има конкретен предлог од медијаторот Нимиц и се чека дали е прифатлив за двете страни.
„За спорот и името доволно е говорено и нема смисол уште за тоа да се расправа. Доколку сега не падне одлуката, тогаш во прашање ќе бидат други причини. Се надевам дека такви други причини нема да има, зашто ако ги има – тогаш треба отворено да се кажат. Сега мора да одиме понатаму“, е категоричен Вадефул кој очекува во Македонија што поскоро да се формира договорената анкетна комисија, што би било почеток на расчистување на декемвриските случувања во Парламентот што е и предуслов за натамошното доближување кон ЕУ.

Нови членки – нови задачи!

Социјалдемократот Јосип Јуратовиќ кој не го крие задоволството од успешниот исчекор на Хрватска, смета дека кога е во прашање доближувањето кон ЕУ -неопходна е поголема иницијатива од сите држави од Балканот. За европската иднина на Македонија, Јуратовиќ подвлекува дека земјата навистина го има проблемот околу името со Грција, но токму заради тоа вниманието треба да го насочи кон други позитивни нешта кои не се во врска со името. На пример: да ја реши големата невработеност, да се справи со проблемите кои влијаат да се скршнува од демократскиот пат - да создаде чисто судство и медиуми за кои никој нема да може да каже дека го отежнуваат правото на изразување.
„Тоа се вистинските предизвици, а не постојано вината да се префрла на други дека ете го сопираат патот на развој, било да се Грци, Бугари или трети. Македонија е земја на мал народ и мора да си го најде своето место. И тоа зависи пред се’ од неа самата“, коментира за ДВ Јосип Јуратовиќ.
Дали Европската унија по Хрватска ќе се продлабочува или проширува, според Јуратовиќ нема дилеми.

Josip Juratovic

Со секое ново проширување и нови задачи! Јосип Јуратовиќ (СПД)

Нема „или – или“, туку „ и продлабочување и проширување“. Но, друга работа е што за секој нареден кандидат европските задачи се се’ пообемни и потешки.
„Зачленувањето во Европската унија за секоја нова земја членка е – процес. Искуството од проширувањата покажува дека од секој процес се раѓаше нов проблем што едновремено стануваше задача за оние кои доаѓаат подоцна. Така од искуството со Бугарија и Романија, стана јасно дека во никој случај кога се во прашања новите проширувања, Унијата не смее да определува датуми. Од искуството со Хрватска, пак се наметна потребата тешките поглавја да се решаваат на почетокот на пристапниот процес, а не на крајот. Ова конкретно за Македонија значи дека приоритни ќе бидат поглавјата 23 и 24 кои се однесуваат на судството и човековите права, како и поглавјето 30 што се однесува на односите со соседите“, објаснува Јосип Јуратовиќ. Според него во процесот на доближувањето кон ЕУ со европската не се синхронизира само регулативата. Едноставно се менува општеството, интересите на граѓаните, приоритетите. Колку и да звучи попултистички факт е дека предизвиците и достигањето на европските вредности се поинакви. Вакво е искуството на Хрватска, а сигурно ќе биде и на Македонија!